ФОТО: Илјадници граѓани се собраа пред споменикот на Црвената армија во Берлин, чествувањето под силно полициско обезбедување
Над 3.000 граѓани на Берлин се собраа денеска пред споменикот на паднатите борци на Црвената Армија. Во спомен паркот на одбележувањето на Денот на победата над фашизмот излегоа Германци, Руси, комунисти, пацифисти и други мирољубиви граѓани со транспаренти против војната за што сведочат фотографиите кои ги доби редакцијата на „Слободен печат“ од читатели од Берлин.
По повод настанот кој е традиционален, берлинската полиција го зголеми своето присуство во спомен паркот и забрани носење на воени униформи, воени ордени, воени ознаки V и Z, руски знамиња, како и советски, белоруски и чеченски, но и оние на Доњетската и Луганската Република, свирење и пеење на руски маршеви и воени песни за да не се велича руската агресија врз Украина.
Во наредбата издадена од полицијата во Берлин која е со важност за 8 и 9 мај се вели дека одобрувањето на моменталната руска агресија врз Украина како и однесување кое може да води кон насилство се исто така забранети.
Рестрикциите не се наменети за дипломатските делегации како и за други привилегирани лица и воени ветерани кои се одликувани во Втората светска војна.
Во Источен Берлин на 8 мај 1949 година е подигнат огромниот спомен-центар во чест на околу пет илјади паднати борци на Црвената армија во битката за Берлин.
Во центарот на споменикот е војник со дете в рака, додека со чизма го гази кукестиот крст. Споменикот „Ослободител“ е синоним за победата на Советите над нацистичка Германија.
Секоја година традиционално во Трептауер паркот во Берлин каде се наоѓа овој споменик како и гробиштата на паднатите советски борци се одбележува Денот на победата.
Во 2019 година на 9 мај се одржа импозантен собир пред споменикот кога од Москва на мотоцикли допатуваа членовите на познатиот руски мотоклуб „Ноќни волци“.