„Станица пропаганда” - изложба на Јонас Стал

27.02.2024 09:41
„Станица пропаганда” – изложба на Јонас Стал

Во Музејот на современата уметност – Скопје, на 1 март, сабота, во 20 часот, ќе биде отворена изложбата насловена „Станица пропаганда” на холандскиот уметник Јонас Стал. Кураторка на изложбата е Ивана Васева.

„Станица пропаганда” е нова комплексна инсталација и програма во живо на холандскиот уметник Јонас Стал, која ја истражува врската на уметноста и културата со доминантните форми на современата пропаганда, како и алатките и можностите на формите на (контра)пропаганда кои произлегуваат од еманципаторските грасрут и ослободителни движења.

Ова е негово прво самостојно претставување во Северна Македонија, а го организира здружението Факултет за работи што не се учат - ФРУ во соработка со Музејот на современа уметност – Скопје во рамките на меѓународниот проект „Острови на сродство: Колективен прирачник за одржливи и инклузивни уметнички институции”.

„Станица пропаганда” има за цел да ги направи видливи различните современи пропаганди кои активно го обликуваат нашиот свет денес. Централната инсталација е дизајнирана како обратен паноптикон: наместо да го надгледува посетителот, му обезбедува на гледачот позиција на контранадзор над работата на пропагандистите кои влијаат на нашиот секојдневен живот.

Терминот „станица” во „Станица пропаганда” може да се сфати на повеќе начини. Изложбата функционира како место каде што се „стационираат” различни модели на пропаганда како што се ултранационалистичка пропаганда, пропаганда на алт-десницата, либерална пропаганда, финансиска пропаганда, пропаганда на империјата, климатска пропаганда и геолошка пропаганда. Се заснова на повеќе од една деценија уметничко истражување спроведено од Стал за пропагандата и контрапропагандата.

Во центарот на инсталацијата е „школа за пропаганда”, каде различни уметници, академици, новинари, теоретичари, поборници и активисти одржуваат предавања, работилници и обуки од областа на анализа на пропагандата и (контра)пропагандното делување.

Школата за пропаганда во Скопје насловена „Антиквизациска пропаганда. Од Скопје 2014 до Скопје - Европска престолнина на културата 2028” има намера да создаде привремена дискурзивна платформа која ќе ја деконструира комплексноста на антиквизациската пропаганда отсликана во проектот „Скопје 2014”. Преку излагања на повеќе теоретичари, активисти, уметници и новинари од Северна Македонија, оваа програма ќе понуди интервенционистички придонес во правните, медиумските, семиотичките, општествените и уметничките аспекти на проектот подигнат во „заробената држава” и ќе се обиде да го промисли неговото идно „постоење”, соочувајќи се со подготовките и продукцијата на капиталниот проект Скопје - Европска престолнина на културата 2028 година.

Повеќе информации за Школата за пропаганда на линкот

Проектен тим: Јонас Стал (уметник); Ивана Васева (кураторка); Филип Јовановски (соработник на Школа за пропаганда, Факултет за работи што не се учат - ФРУ); Надин Гаудер (координатор Студио Јонас Стал); Ивана Самандова, Димитар Милев, Тамара Џерков (продукција Факултет за работи што не се учат – ФРУ, Скопје); Илиана Петрушевска (графички дизајн - постер, Музеј на современата уметност - Скопје); Пол Киперс (архитект); Ремко ван Бладел (графички дизајн); Рубен Хамелинк (камера и видео монтажа); Ивана Самандова (титл); Невенка Николиќ (превод и лектура).

Настанот е организиран во партнерство со: Здружение Јиндрих Чалупецки, Прага, Чешка (Карина Котова) и МСУ Музеј на современа уметност, Загреб, Хрватска (Зденка Бадовинац).

Настанот е поддржан од: Фонд Мондријан, Амстердам, Холандија; кофинансирано од Европската Унија во рамките на меѓународниот проект „Острови на сродство: Колективен прирачник за одржливи и инклузивни уметнички институции“.

Извор: https://akto-fru.org/en

ОкоБоли главаВицФото