Инвеститорите да подразмислат дали ќе градат дивоградби: Иницијативата на Герасимовски за конфискација стана дел од новиот Закон

Дивоградба на Пластичарска: Фото/ Слободен печат

Придобивки од законското воведување конфискација на дивоградби изградени на државно земјиште се дека се превенира урбанистичкиот хаос, се дава пример за сите оние што ќе се дрзнат да градат дивоградби и е порака до инвеститорите дека нелегалните објекти ќе се конфискуваат и пренаменуваат во непрофитни центри.

Во иднина секој инвеститор што ќе се реши да вложува во дивоградба на државно земјиште, треба да биде подготвен неговата инвестиција да заврши како сопственост на општината каде што се гради објектот. По една година откако градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ја поднесе Иницијативата за конфискација на дивоградби, откако таа ги помина сите процедури и ги доби сите одобренија, стана дел од новиот Закон за управување со конфискуван имот, имотна корист, одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, кој пратениците го донесоа на 19 март.

Во членот 66 од Законот се вели дека во случаите кога со правосилна одлука е одземен или конфискуван недвижен имот што е бесправно изграден (дивоградба), тогаш Агенцијата по предлог на Управниот одбор врз основа на одлука на Владата го предава на единицата на локална самоуправа во нејзина натамошна надлежност.

Единицата на локална самоуправа е должна да поведе постапка истиот имот да го легализира или да го урне во рок од шест месеци од приемот. Доколку имотот се легализира, единицата на локална самоуправа има право да стопанисува со недвижноста во согласност со одлука на Владата на Република Северна Македонија. Стекнатата недвижност според ставот 1 од овој член не смее да биде предмет на комерцијална продажба од страна на единиците на локална самоуправа, но може да биде отстапена на други органи на власта или на здруженија што се регистрирани за давање помош и заштита на социјално ранливите категории на граѓани на Република Северна Македонија“, се прецизира во законот.

Фото: Општина Центар

Според градоначалникот Герасимовски, прифаќањето на Иницијативата за конфискација и пренамена на бесправно изградени објекти и нејзино преточување во Законско решение е победа на Општина Центар, но и на сите други општини во државата.

Герасимовски на денешната прес-конференција појасни дека новото законско решение налага локалните самоуправи да не можат да го отуѓат објектот на градежни фирми или на други субјекти што работат со недвижности, што всушност значи дека се иззема каква било можност за профит на сметка на нелегално изградените објекти.

Следни чекори што ќе следуваат по Законот, се констатирање дивоградби што ќе бидат зона на интерес. Станува збор за големи објекти што носат профит и се градат или се изградени на државно земјиште. Интензивно ќе се соработува со правосудните органи за да може да се спроведе Законот во целост – рече Герасимовски.

Придобивки од законското воведување конфискација на дивоградби изградени на државно земјиште се дека се превенира урбанистичкиот хаос, се дава пример за сите оние што ќе се дрзнат да градат дивоградби и е порака до инвеститорите дека нелегалните објекти ќе се конфискуваат и ќе се пренаменуваат во непрофитни центри. Воедно се штедат финансии од општинскиот буџет за уривање, бидејќи сумите за уривање можат да бидат астрономски, по стотици илјади евра, наместо тие да бидат искористени во вистинска насока, односно за доброто на граѓани, затоа што се дава можност и конфискуваниот имот да се користи како јавно добро.

Иницијативата за конфискација на дивоградби пред Лога и Бочварски, Герасимовски ќе побара законски решенија

Герасимовски посочи дека целта не е да се конфискуваат тераси, натстрешници или неколку изградени соби на социјално загрозени семејства туку објектите што во иднина би можеле да прават економски профит.

По завршување на судски процеси за објекти што се дивоградби и по доставување во сопственост на општините од страна на Агенцијата за одземен имот, нашите служби заедно со имотноправниот тим ќе ги увидуваат сите можности за целосно преземање на објектите, нема ништо спорно во тоа. Во текот на вчерашниот ден кога стигна известување од ЗЕЛС дека нашата иницијатива е прифатена и дека нашите предлози се вметнати во новиот Закон, имавме неколку состаноци со урбанизам и со правниот сектор за да ги увидиме сите можности и од тоа што го видовме немаме никакви пречки за да ги преземеме диво направените објекти – појасни градоначалникот на прашањето на кој начин би се вршело преземањето и легализирањето на дивоградбите.

Одземањето дивоградби можеби би вовело ред во градежниот хаос: Герасимовски поднесе Иницијатива за конфискација

Според него, за некои објекти би требало измена на ДУП, за некои не, зависи од маркичката, зависи на каква локација е објектот и дали таму има определено некаков вид градба.

Во државата има близу 100 илјади дивоградби, еве во Општина Центар има дивоизградени објекти и на државно земјиште и во зелена зона. За онеспособување два такви поголеми објекти сумите се енормно високи, околу 5,5 милиони денари за две згради да ги оневозможиме да бидат функционални. Но, сега со новото законско решение наместо дувло на бездомници како што најчеста е реалноста, дивоградбите ќе можат да се пренаменат и за други потреби односно да бидат или пензионерски домови, креативни работилници или клубови за млади или, пак, предадени за социјално загрозени семејства – потенцира Герасимовски.

Општина Центар планира во најкусо време да дејствува според новиот закон.

Планираме по една недела да закажам состаноци со судските органи и првично за овие пет-шест објекти што ни се најкритични, пред сè двата на Пластичарска со кои се води војна цела година. За нив може веднаш може да се постапува. Имаме неколку што се на приватна сопственост во фаза на уривање, ама таму нема да може да постапуваме, ќе мора да се уриваат – нагласи градоначалникот на Општина Центар.

Дивоградбите се еден од најголемите проблеми во Скопје, со кои и покрај заложбите ниедна општина досега не успеала да се справи, затоа што ги има насекаде и секојдневно никнуваат нови. Дел од старите објекти изградени без градежна дозвола се легализираа, за дел има налози за уривање, но на терен работите бавно се одвиваат.

Општините во своите буџети годишно издвојуваат стотици илјади евра наменети за уривање дивоградби, кои најчесто се зголемуваат со ребалансите на буџетите. Уривањето е скап зафат, особено кога инвеститорот е непознат, па трошокот паѓа на сметка на локалната власт. Новиот закон и неговиот член 66 би требало да ги реши овие проблеми со кои се соочуваат сите општини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот