Во 2018 година бев на врвот на мојата кариера. Како лидер во една голема консултантска компанија, ги сакав односите со клиентите, патувањата и заедничките работни сесии доцна во ноќта, каде што куповите засладени пијалаци и грицки ги опкружуваа нашите лаптопи. Ги сакав моите тимови – менторството и односите, кои ги создадовме за време на долгите работни часови што ги поминавме заедно. Никогаш не замислував свет каде што моето секојдневно искуство и мотивација за работа толку многу ќе се сменат.

Истата година бев бремена со моето прво дете. Мојот партнер и јас бевме многу возбудени! Имав среќа што имав големи ресурси за поддршка на мојата транзиција кон мајчинството. Знам дека многу нови мајки се чувствуваат како да им недостига цело „село“ (поддршка), кое не потекнува од семејството, па затоа бев неверојатно благодарна за моето.

Кога пристигна син ми, сè уште се борев да се приспособам – доењето беше предизвик, како и долгите, непроспиени ноќи. Се обратив на консултант за лактација, а мојата најдобра пријателка од детството ме потсети дека нема срам во тоа да го хранам моето бебе со адаптирано млеко.
Наивно претпоставував дека ќе продолжам таму каде што застанав на работа и дека сето тоа, во најголем дел, ќе изгледа исто како порано.

Како што се подготвував да се вратам на работа, вознемиреноста почна да се зголемува. Бев исцрпена и загрижена за намалената количина на млеко. Како надополнување, морав да почнам да водам проект за еден од нашите најголеми клиенти и требаше да патувам со авион. Ми се вртеше во главата и веднаш почнав да чувствувам огорченост и вина. Огорченост што мојот менаџер не ме ни праша дали овој проект е нешто што јас го посакувам и виновна што се чувствував на тој начин. На крајот на краиштата, зошто треба да се променат очекувањата од мене сега кога сум родител? Се загрижив дека ќе изгледа лошо ако поставам граници. Имав имиџ и немаше да дозволам мајчинството да ми го попречи тоа.

Мојот работодавец, се разбира, сакаше да останам ангажирана – имав голема лидерска сенка врз себе и донесов милиони долари приход за компанијата. Правите онолку колку што можете, го максимирате вашето време на работа, велите „да“ на сè без прашање и со почит кон другите… и се надевате дека некој ќе забележи.

Но, мајчинството драматично ја промени оваа динамика. И јас бев целосно неподготвена за тоа. Долгите часови поминати на работа за да ја докажам мојата вредност повеќе не беа опција. Моето малечко беше огромен дел од мојот свет – ментално, емоционално, физички. Мојата транзиција кон работното мајчинство беше збунувачко и без насока… магливо преживување.

Тогаш сфатив дека иако има безброј ресурси за тоа како да станеш мајка и да се грижиш за бебе, има многу помалку ресурси за тоа како да станеш вработена мајка. За бременоста и породувањето има гинеколози и акушерки. Ако имаме среќа, има и патронажни сестри, консултанти за лактација, семејство и пријатели, за периодот по породувањето. Потоа, кога е време да се вратите на работа, сето тоа на некој начин исчезнува.

На крајот, заклучуваме дека има многу податоци за тоа како оваа голема животна транзиција кон „вработен родител“ влијае врз новите мајки и води до назадување во кариерата. Седумдесет и пет проценти од идните мајки се возбудени што повторно ќе се вклучат во нивните кариери – слично како мене – но речиси 43% ја напуштаат работната позиција во рок од една година по раѓањето на детето.

Воедно, повторно се поврзав со една пријателка која неодамна стана нова мајка. Таа ја напушти својата висока функција во компанијата во која работеше за да стане тренер за кариера и живот, концепт што беше сосема нов за мене. Таа објасни дека „коучингот“ е моќен начин да им се помогне на поединците да направат пауза, да размислуваат за нивните вредности и да ги користат за да знаат како да живеат поисполнет живот. Бев заинтригирана.

Почнавме да зборуваме за „коучинг“ во контекст на животните транзиции и како фактот што сме вработени родители е толку голема промена на идентитетот, за која многумина не застануваат да размислуваат. Сè се менува – не само нашите сопствени вредности и приоритети, туку и динамиката на односите со оние околу нас: нашите родители, нашите колеги, нашите лидери, нашите пријатели.

Почнав да интервјуирам пријатели и колеги за предизвиците на работното родителство и развив програма за „коучинг“ која беше приспособена за поддршка на поединците во оваа фаза од животот. Програмата ја нарековме „Џоси“, по ќерка ми. И решив да бидам својот прв клиент.

Како тренерот за кариера може да им користи на вработените мајки

Секое тренерско искуство е уникатно, но овие концепти длабоко се вмрежаа во мене:

-Паузирање за да ги именувате вашите вредности и приоритети во контекст на новиот идентитет. При голема промена во животот, клучна е заштитата од исцрпеност. Ако е јасно што е најважно во оваа фаза од животот, тогаш тоа ги отстранува притисокот и вината што често доведува до чувство на вознемиреност кај новите родители.

-Отворање простор за некој да размислува за вашата ситуација е исклучително моќна алатка во градењето на самосвеста.

-Играњето улоги за градење комуникациски вештини е важна вежба. Тоа ме исфрли од мојата комфор-зона за да можам ефикасно да поставам граници и да ги соопштам моите потреби.

-Грижата за себе ги подобрува продуктивноста, расположението и емоционалната отпорност за подобро да поминете низ тешките моменти.

-Зајакнувањето на сопствената способност да поставувам граници, да вежбам самосочувство, да градам емоционална отпорност и да ги живеам моите вредности, ме направи подобар лидер, мајка, партнер и пријател. Процесот започна со промена на односот кон себе, а потоа се прелеа во мојот однос со другите.

Добрата вест е што работодавците почнуваат да препознаваат колку моќен може да биде „коучингот“, особено за нивните работници кои се врвни таленти и ѕвезди во подем (честопати тоа се работни мајки!).

Сите ние можеме да користиме мала помош и поддршка од некој што може објективно да размислува за тоа што е работно родителство. Да нè потсети дека ставањето себеси на прво место не само што е во ред, туку е неопходно за максимирање на нашата способност да се поддржуваме и себеси и другите, да ни помогне поефективно да ги искомуницираме нашите потреби, повторно да ја откриеме радоста и мотивацијата што некогаш сме ја имале во нашите идентитети како професионалци, притоа појасно дефинирајќи кои сакаме да бидеме како мајки.

И да знаеме дека не сме сами. Впрочем, најдобрите тимови имаат тренери. Зошто да не?

Автор: Мишел Ју

Извор



912

X