Го знаете чувството кога одите на море, на пример, или каде било на годишен одмор, а децата се надвор од себе во однесувањето – од возбуда, од замор, од промена на рутината, промена на околината, затоа што се деца – па лудувате и постојано врескате: „Ако не престанете, ќе се вратиме дома!!“ Така сите се смируваат некое време и потоа повторно почнуваат. И потоа пак ја кажувате истата реченица. И пак се смируваат на 10 минути… И никаде не одите, освен на плажа или на некој излет…

Па, оваа мајка си ја исполнила заканата. Можете ли да замислите колку можат да ве изнервираат за да ја реализирате таа закана? Дали воопшто би сакале да го направите тоа? Меѓутоа, мајката на платформата „Редит“ прашала дали згрешила и претерала кога поради расправија го прекинала годишниот одмор и се вратила дома.

Оваа мајка има три деца – синови од 9 и 8 години и ќерка од 3 години, а расправиите меѓу нив на првиот ден од семејниот одмор, особено меѓу синовите, биле невозможни и ништо не помогнало да се смират. Во одреден момент мајката полудела, ги спакувала и го прекинала годишниот одмор, па сите се вратиле дома. Сосема очекувано, целото семејство ѝ е неописливо луто (освен тригодишното дете кое не ја разбира целата слика и размерите на овој потег). Затоа мајката прашала на форумот дали претерала. Инаку, рекла дека однесувањето на момчињата било навистина ужасно и однапред можела да види дека одморот е осуден на пропаст.

„Момците нè излудуваа. Се расправаа како кучиња и мачки! Имавме бескрајни муабети со нив за меѓусебно почитување, но ништо не беше од корист“, напишала мајката и продолжила: „Разбирам дека има ривалство меѓу браќата, но тоа достигна такви размери што нè засегаше сите нас, на многу лош начин и на секојдневна основа. Веќе претходно му кажав на мојот сопруг дека не мислам оти одморот е добра идеја. Но, тој ја отфрли таа теорија и продолживме со нашите планови. Сè започна уште додека се возевме – на тоа долго, страшно возење. Односно, подобро опишано: 3,5 часа пекол“.

Момците цело време се карале, а нејзиниот сопруг и таа се обидувале да ги убедат дека ќе биде подобро кога ќе стигнат на одредената дестинација, бидејќи момчињата ќе бидат премногу возбудени за да прават глупави работи и да се расправаат. Но, тоа не се случило. Тие сепак продолжиле со расправијата.

„Толку пати ги потсетувавме дека не смеат да се однесуваат така во изнајменото сместување, а од самиот почеток направија сè што не треба. Го изгазија белиот мебел со чевлите, трчаа низ куќата, а помалиот во еден момент фрли кутија со креди во базенот само за да не ги земе брат му“, раскажувала вознемирената мајка.

Потоа отишле на ручек во ресторан и децата биле целосно надвор од контрола. Постариот син наеднаш исчезнал, побегнал од нив бидејќи нешто не било како што сакал. Ниту на плажа не биле мирни, туку продолжиле да прават глупости. „Искрено, на плажата беа разгалени дечиња. Не сакаа крем за сончање, се караа за играчки…“ – рекла мајката. „Тие одеа подалеку и подалеку од брегот, подалеку отколку што им кажавме.“

Додека таткото бил убеден дека ќе се смират, мајката била сигурна дека нема и ѝ било преку глава од сè. Ништо не успеало и таа му рекла на сопругот дека мора да си одат дома бидејќи сакала да ги согледаат вистинските последици од нивното однесување. „Удрив со тупаница на масата и му реков дека веќе не сакам да бидам таму и дека си одам сама или сите ќе си одиме“, рекла мајката. „Тој навистина се налути и ми рече дека тоа е смешно и не е фер кон нашата ќерка. Се согласувам со него, но тогаш не видов друг излез од таа ситуација.“

Се разбира, кога на децата им било кажано што ќе се случи, тие почнале да плачат и да ветуваат дека ќе се однесуваат убаво. Со нив била и нивната баба, која во тој момент била на работ на солзи, велејќи дека не се виновни нејзините внуци. Сите биле против мајката и сакале да го продолжат својот одмор. Возењето до дома било исто така очекувано ужасно и сите ѝ биле лути на мајката – сите освен ќерката. За време на возењето момчињата плачеле, а сопругот не сакал да разговара со неа. Бабата ја обвинила мајката што уништила сè, додека таа потенцирала оти само сакала да поминува време со внуците.

Па, што рекле корисниците на „Редит“? Општата пресуда била дека мајката не згрешила бидејќи дозволила децата да ги почувствуваат последиците на кои ги предупредила. „Децата мора да ги знаат последиците од нивните постапки. И точка“, вели една мајка која вели дека би го направила истото.

Други, пак, рекле дека прво ќе почнат со поблаги последици. „Не можев да верувам дека таа не поставила никакви последици порано, пред да заминат“, напишала една мајка. „Не сака да нанесе крем? Се враќа во апартманот. Дали одат премногу далеку во водата? Нема да одат во вода до крајот на денот. Го газат мебелот? Зошто воопшто носат чевли во апартманот?!“

Некои сугерираат дека требало да ги разделат, за секој од родителите да направи нешто забавно со еден од нив, додека други рекле оти очигледно воопшто немаат поставено јасни граници. Малкумина се оние што навистина би го направиле истото како оваа мајка, но повторно – ако нема друг излез… Во секој случај, никој не би сакал да биде во нејзината кожа.

Авто: Наташа Крстичевиќ

Извор



912

X