Лабиб: ЕУ не банкомат, туку Унија на вредности кои мора да ги почитуваат оние што сакаат да и се приклучат

Европската Унија не банкомат или организација за трансакции на пари, туку пред се е Унија базирана на основните вредности, како што се демократијата и владеењето на правото, кои мора да бидат прифатени, заштитени и зацврстени во сите општества кои сакаат да се приклучат кон европското семејство, изјави денеска белгиската министерка за надворешни работи, европски прашања и надворешна трговија Хаџа Лабиб. 

- Војната во Украина даде нов импулс на проширувањето, а Декларација од Гранада на Европскиот совет од октомври минатата година јасно потенцира дека проширувањето е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот. Но, Декларација од Гранада јасно ги постави и одредниците – и двете страни, и идните земји членки и самата ЕУ, мора да се подготват за проширувањето, истакна Лабиб на заедничката прес-конференција со потпретседателката на Европската комисија задолжена за вредности и транспарентност, Вера Јоурова по завршувањето на неформалното заседание Советот за општи работи на ЕУ (ГАК).  

Лабиб нагласи дека денешниот ГАК бил целосно посветен на утрешниот ден, кога, како што рече, не се одбележува само Празникот на трудот, туку и 20-годшнината од големото проширување на ЕУ на 1 мај 2004 година, кога беа примени 10 нови членки и таа од Унијата на 15 стана Унија на 25 земји.  

- Можеме да кажеме дека ова проширување беше успех, економски секако, но исто така претставуваше и триумф на европските вредност на слободата, демократијата и владеењето на правото, изјави Лабиб, додавајќи дека денес Унијата стои на нов крстопат кога милиони лица бараат пристап до неа. 

А за да се реализира тоа ново проширување, според неа, и земјите аспиранти за членство и ЕУ мора да спроведат реформи.  

- Проширувањето е долг и предизвикувачи процес кој бара значајни напори и неопходни реформи, но важно е дека тоа треба да го спроведеме заедно, додаде Лабиб. 

Во однос на кандидатите за членство, Лабиб смета дека тие реформи треба да се однесуваат на прифаќањето на стандардите на ЕУ, обезбедувањето стабилност и спремност за интегрирање во европското семејство. 

- Исто така, мора да ги зајакнеме и заштитиме нашите основни вредности, човечкото достоинство, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и секако човековите права. Кога зборуваме за проширувањето никогаш не смее да ги запоставиме овие права и да правиме компромиси со нив, туку треба да ги промовираме и зајакнеме, бидејќи тие се клучот на успехот, додаде Лабиб. 

Според белгиската министерка, без почитувањето на принципите на владеењето на правото ќе ја нема ЕУ и ќе нема единствен пазар кој би функционирал ефикасно.