Што е потребно за да се осигурите дека вашиот татко ќе го одржува здравјето и ќе живее подолго?

Вистината за мажите и здравиот живот

Мислев на моите деца – моите синови кои се млади, а сè уште не се татковци, мојот сопруг кој стана татко на денот кога се ожени со мене – зачекори во улогата и е присутен на секој начин откако стана првпат „татко“ на 40 години.

Моите мисли потоа ме одведоа кај татко ми, мојата прва љубов, човекот на чии чевли стоев додека танцувавме низ кујната во мојот дом од детството. Овој сакан човек почина пред 15 години кога неговото срце не можеше да ја издржи големата желба за живот. И затоа сега го пишувам и споделувам ова со вас.

Зошто на татковците од сите возрасти често им е потребна помош за здравјето

Општо гледано, мажите умираат помлади од жените. Многу извори откриваат дека, во просек, мажите умираат 10 години порано од жените. Често се прашував зошто. Причините се движат од поризичните занимања кои ги практикуваат мажите до помалиот број социјални врски и повисоките медицински ризици, вклучувајќи го и фактот дека многумина избегнуваат да одат на лекар.

Една моја пријателка неодамна забележа знаци на мозочен удар кај нејзиниот партнер и навреме го одведе во болница за да му го спаси животот, иако сега го чека долг пат до закрепнување. Тоа беше последица од недијагностицирана и нетретирана хипертензија по години поминати без рутински медицински прегледи.

Голем дел од она што го влошува здравјето предвреме може да се спречи. Истражувањата и статистиките велат дека мажите сè уште избегнуваат рутински медицински прегледи. Или велат дека немаат време да одат, потоа негираат дека нешто сериозно може да не е во ред, а и стравот е голем фактор.

Сите овие изговори можат да доведат до прерана смрт.

Значи, што можеме да направиме за да им помогнеме на татковците да живеат подолго?

Без разлика на нивната возраст, еве пет важни здравствени совети за мажите и татковците:

Мотивирајте го да оди на редовни физички прегледи

Ако не бил на проверка повеќе од една година, помогнете му да го закаже терминот. Ако веќе има закажано преглед, одете со него и инспирирајте го со вашиот интерес. Погрижете се да подготви темелна здравствена историја за да ја сподели со својот лекар. Дали треба да го држите за рака? Без оправдувања!

Научете ги неговите основни податоци

Тие вклучуваат тежина, бројките од мерење на половината, вредностите на крвниот притисок, шеќерот во крвта и холестеролот – и видете дали има потреба тоа да се регулира. Проверувајте го периодично за да видите како се снаоѓа. Тој е одговорен за неговото здравје, а вие сте одговорни – да го сакате, да се грижите за него, да го забележувате, да му понудите помош кога е преоптоварен и да го мотивирате и убедите кога се крие зад изговорите.

Поттикнете го на физичка активност

Разгледајте ги упатствата за тоа кои вежби се соодветни за возраста. Ако има можност за фитнес, вашиот татко на тој начин може да ја добие и потребната социјализација.

Освежете ја неговата исхрана

Запознајте го со некои нови начини преку кои добро ќе се храни, во зависност од неговата здравствена состојба. Лесните, комбинирани оброци можат да бидат вкусни и полни со хранливи материи, додавајќи поттик и позитивна промена на навиките.

Ревитализирајте го неговиот ум

Инспирирајте го и аплаудирајте на тековниот личен развој, раст и учење, со тоа што ќе бидете љубопитни за неговите интереси, а можеби и за неразвиените таленти. Не чекајте до следниот посебен повод за да му дадете подарок што може да му го подобри или продолжи животот.

Еве неколку идеи за подароци:

-Домашен комплет за мерење крвен притисок
-Часовник за фитнес
-Шапка и крем за сончање
-Час по јога, членство во велосипедски клуб итн.
-Претплата на услуга за испорака на оброци
-Членство во фитнес-сала.

Можеби најдобриот подарок од сите би бил да одиме со него на преглед кај лекарот, ако е можно.

Организирајте еден состанок само за вас двајца, годишен, и уживајте во квалитетното време поминато заедно. На здравје за долговечноста, здравјето и среќата.

Автор; Ен Папајоти

Извор



912

X