По изборниот дебакл во првиот круг од претседателските избори, каде што актуелниот претседател Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ загуби со историски најголема разлика, односно нешто повеќе од 180.000 минус гласови на неговото конто и предвидливиот пораз во вториот круг претседателски избори и парламентарни избори, во сеуште актуелната власт, започнаа „игрите“ за превземање на партиската лидерска позиција.

Апетитите се преголеми, а главната битка ќе ја водат скопското, струмичкото и кумановското крило во партијата.

Богоев, Шилегов, Костадинов, Филипче, Спасовски, Каевски, Маричиќ и Лукаревска кружат како имиња низ чаршијата за потенцијални кандидати кои би сакале да седнат во фотелјата каде што некогаш седеше „папата“ односно човекот кој зави многу судбини во црно со мрачната транзиција во Република Македонија.

Анимозитетот према Стефан Богоев и актуелниот претседател на партијата Димитар Ковачевски постои одамна, односно потекнува од периодот кога за Богоев се тактизираше дали да биде поставен како директор на царина или не. Кулминираше со неставање на листи на потпретседателот на партијата, Богац, за овие парламентарни избори. Наместо Богоев, Ковачевски ја избра Моника Зајкова да биде позади него како кандидат за пратеник. Сепак, Богоев има амбиции да ја превземе партијата а за тоа ја бара поддршката од скопското крило каде што амбиции за тоа место покажале и Шилегов и Дарко Каевски.

Позицијата на Шилегов, блискиот партиски пријател на Шеќеринска, е зајакната во СДСМ благодарение на Данела Арсовска од причина што скопската градоначалничка има убедливо најлоша реализација на проекти и важи за еден од најслабите скопски градоначалници досега, па поради тоа партискиот рејтинг на Шилегов е во пораст. Адут за неговите противници е што „сликата“ за Шилегов меѓу граѓаните е исклучително негативна, како резултат на чаршиските муабети за неговиот лик и дело но и заради многуте ветени а неостварени проекти за Скопјани.

Во ова скопско крило значајна позиција има и Дарко Каевски, кој е поддржан од огранокот на Кисела Вода, каде што со години, доминантни се Сокол, Темел и Чомбе, односно директорот на истражниот затвор Шутка - Филип Андов, поранешниот градоначалник на Кисела Вода - Филип Темелковски и поранешниот директор на Зоолошката градина Ѓорги Галетановски - Чомбе. Дарко Каевски во последните десетина години имал високи партиски функции па оттука и неговото барање да не се најде на листа на СДСМ на недобитно место за претстојните парламентарни избори. Според наши информации, веќе „наголемо“ се крои стратегија за бустирање на Каевски како можен наследник на Ковачевски. Засега, останува нејасна позицијата на актуелниот претседател на огранокот, кој е и директор на Државниот пазарен инспекторат - Горан Трајковски Штраус.

Поранешниот претседател и премиер на СДСМ, Зоран Заев, планира партијата да остане под негова контрола, како што тоа го направи со неговиот наследник Димитар Ковачевски па игра на картата на Венко Филипче. Овој пат, веројатно, како многу пати до сега, тоа ќе му биде погрешна стратегија, од причина што ќе биде исклучително тешко Филипче да оствари позитивен резултат на парламентарните избори како носител на ИЕ4, а и важи за човек со многу индиции за криминал и корупција позади неговото име. Токму поради тоа и не беше на листата за пратеници од СДСМ на минатите парламентарни избори. Благодарение на корона кризата, тој стана политичар со највисок рејтинг, но од денешен аспект, особено по јавното признание на Боки-13 дека кај него се договарала приватизација на болницата 8-ми септември, со договорени проценти за сите учесници, заедно со Филипче и Камчев, неговиот авторитет е целосно минимизиран. Како „back up“ варијанта, Зоран Заев игра на картата на Љупчо Николовски, актуелниот министер за земјоделство.

Оливер Спасовски, кој беше технички премиер, министер во министерството за внатрешни работи, сакаше да биде претседателски кандидат и на минатите избори но и на овие, отсекогаш покажувал амбиции да седне во лидерското столче на СДСМ. Се чини дека Ковачевски ја нема наклоноста кон него, иако се од ист град, па првично го планираше за носител на ИЕ3, каде што Спасовски ќе оствареше исклучително негативен резултат од причина што тоа не е негова „природна“ средина.

Дополнително на ова, како шпекулации кружат и информациите дека против него е направена медиумска хајка за процесот на издавање на пасоши, нарачана директно од актуелниот партиски врв што несомнено влијаеше на неговиот личен рејтинг.

Но, како министер за внатрешни работи, повеќе од осум години, Спасовски успеа со негови методи да издејствува да биде носител на Изборната единица 2, каде што очекува поволен резултат со оглед на структурата во оваа изборна единица. Надевајќи се дека Спасовски ќе оствари најповолен резултат за партијата, на тој начин планира да ја гради стратегијата за превземање на лидерското место во СДСМ.

Сепак, неговата партиска позиција е исклучително ослабната, поради конфликтот со Максим Димитриевски, па така, поддршката која ја даваше за кандидатот на СДСМ на локалните избори, Оливер Илиевски заврши неславно, бидејќи доживеа катастрофален пораз. Како доказ за тоа е и резултатот од првиот круг од претседателските избори. СДСМ се најде на третото место според гласовите во македонскиот блок, односно Максим Димитривски освои над 14.000 гласови, Силјановска близу 12.000, додека Пендаровски само 7.400 гласови. Во партиските кругови во СДСМ се говори дека ова е поразително за партијата бидејќи Куманово, заедно со Центар и Струмица важат за бастиони на партијата.

Како кандидат кој влегува во игра за претседателското место во СДСМ е и Перо Костадинов, актуелен потпретседател на партијата и градоначалник на Валандово. За него, јавноста нема многу информации, а е креирана перцепција дека важи за добар градоначалник, со авторитет помеѓу граѓаните на Валандово и чесно извршување на својата функција. Сепак, Костадинов ја нема целосната партиска поддршка бидејќи не е припадник на ниту еден „клан“ во СДСМ, ниту пак има значајна партиска структура позади себе па оттука шансите за превземање на лидерската позиција се многу мали.

Од сите набројани потенцијални наследници на Ковачевски, премиерот и актуелен претседател на СДСМ ќе се залага за Бојан Маричиќ и Сања Лукаревска. Во оваа „битка“ пак, шансите на Маричиќ се значително помали поради фактот што тој беше еден од ударните ликови на Шарената револуција која доживеа тотално фијаско, поради низата афери поврзани со неговото име за трошење на буџетски средства за деловни ручеци и репрезентации каде што се јаделе бифтеци но и поради слабите резултати во ресорите кои ги предводеше за време на мандатот на СДСМ каде што беше министер за правда и вицепремиер за европски прашања. Ниту во полето на криминалот и корупцијата ниту пак во полето на евроинтеграциите, Македонија не направи никаков напредок.

Од друга страна пак, позади името на Лукаревска, не се врзуваа поголеми афери, освен во последните месеци каде што беше прозивана од опозицијата за скандалот со фиктивен поврат на ДДВ на фирми и исказите на Боки-13 дека му биле барани 800.000 евра на сега веќе покојниот Силјан Мицевски, за да не му биде поднесена пријава за затајување на данок.

Според нашите информации, тие двајца ќе бидат адутите на Ковачевски, додека актуелните функционери како Каја Шукова, Јована Тренчевска, Фатмир Битиќи, Бисера Костадиновска Стојчевска и Славјанка Петровска нема да бидат ниту во игра за превземање на „клучот“ од Бихачка.

Во „најлудото“ сценарио, после резултатите на претседателските избори, во игра влегува и комбинацијата Максим Димитриевски да се врати во СДСМ со превземање на челната позиција и на тој начин да ја консолидира идната опозиција.

Како и да е, „играта за тронот“ во СДСМ штотуку започнува.


Администратор
26/04/2024 10:23