Кога одите на одмор со деца, мора со себе да понесете „подвижна“ аптека, а во продолжение ви претставуваме лекови и медицински средства без кои не треба да тргнете на патување.

Секогаш треба да се читаат и почитуваат упатствата за употреба на лекови.

Антипиретици – лекови за намалување на покачената температура, кои воедно се и аналгетици (болки)

Инфекциите обично се придружувани со зголемена температура која се јавува и со вирусни и со бактериски инфекции (болки во грлото, инфекции на увото, уринарни инфекции), но покачена температура речиси секогаш се јавува при сончаница.

Температурата до 38 степени не треба да се спушта со антипиретици, но детето треба да се лади. Тоа важи и за повеќето фебрилни деца со температура до 38,5 степени. За температура над 38,5 се даваат антипиретици: ибупрофен или парацетамол, во форма на сируп за помали деца или во форма на таблети за постари деца. Доколку детето повраќа и одбие да го земе лекот преку уста, потребно е да се земат чепчиња.

Иако постои индивидуална реакција на детето на антипиретици (треба да се даде лек на кој детето подобро реагира), предност се дава на ибупрофенот, имајќи предвид дека освен што е антипиретик и аналгетик, има и антиинфламаторно дејство (што го нема парацетамолот). Ова антиинфламаторно дејство е важно и за лекување состојби кои се јавуваат во лето: болки во грлото, главоболка, оталгија (болка во увото), а помага и при мијалгија (мускулна болка) која може да се појави при летни инфекции.

Не треба да заборавиме дека во лето потребно е да се зголеми внесот на течности, а кај децата што имаат висока температура потребно е дополнително да се зголеми внесот на вода.

Лекови за алергија

Причините за летните алергии се многубројни: од вообичаени алергии (храна, полен од ајдучка трева за оние што патуваат на крајот на летото), преку реакции на каснувања од инсекти, до разни кожни алергиски реакции: коприва, контактни алергии (хемикалии од базен, реакција на прашокот со кој се пере постелнината во хотелот и слично). Тука вклучуваме и реакција на сонце (иако не е класична алергиска реакција).

Затоа, на списокот со лекови треба да го додадете лоратадинот во форма на сируп. Тој е ефикасен во лекувањето на летните алергиски реакции, а може да помогне и при несакани кожни реакции на сонце. Лекот треба да се даде што е можно поскоро, односно штом се појават првите знаци на алергија. Лоратадинот се дава секојдневно, обично во една доза, додека не исчезнат промените на кожата и неколку дена по исчезнувањето на промените.

Ако со алергиската манифестација се појават и тешкотии при дишењето, отекување на очните капаци или устата, треба да побарате помош од лекар.

Пробиотиците се користат во превенција и третман на цревни инфекции

Пробиотските култури се добри, корисни бактерии кои го поддржуваат варењето на храната, ја одржуваат цревната перисталтика и помагаат во нормалното формирање на столицата. Пробиотиците се додаток во исхраната кој придонесува за зачувување на општиот имунитет. Како превентивна мерка се препорачува употреба на пробиотици пред заминување на пат (3-4 дена пред поаѓање) и во текот на целиот престој на одмор.

Пробиотиците содржат внимателно избалансирана мешавина од неколку различни видови живи пробиотски бактерии, оптимален број (над 5 милијарди живи бактерии) одговорни за обновување на цревната флора. Покрај пробиотиците, замена на течности – орална рехидратација – е исто така важна во лекувањето на цревните инфекции.

Доколку се користат антибиотици за лекување на бактериски инфекции, потребно е да се земат пробиотици.

Средства за орална рехидратација

Дехидрацијата е придружена со повраќање и дијареја, но и сончаница. Растворите за орална рехидратација, односно електролитите се специјално подготвени и приспособени на потребите на децата при повраќање и дијареја.

Спрејови за нос

Најчесто назалниот исцедок е предизвикан од температурни промени, но може да се поврзе и со алергии и настинки. Која и да е причината за затнат нос, прво и основно нешто што треба да се направи е да се исчистат ноздрите за да се зголеми нивната проодност.

Првиот чекор за деблокирање на носот на бебињата и децата е ставање раствор од прочистена морска вода.

Зајакнувањето на имунитетот е важен сегмент во текот на целата година, а особено при патување

Морето само по себе поволно влијае на зајакнување на имунолошкиот систем, но и покрај тоа често се случува децата да се разболат по заминување на пат поради климатските промени, па затоа се препорачува превентивно да се користат препарати кои содржат витамин Ц и цинк. Овие препарати секогаш треба да се користат во зимските месеци, кога се почести инфекциите, а во текот на летните месеци, пред планираното патување, неопходно е да се започне со употреба на препаратите за имунитет еден месец пред патувањето.

Лекови против лошење за време на патување

Повраќањето и гадењето при патување може да се спречат со давање лек против повраќање, па затоа е важно да го имате со вас.

Заштита од сонце

Најголема заштита од сонце обезбедуваат заштитните кремови со висок SPF фактор, заштита од UVA, UVB и IR зраци кои дополнително обезбедуваат стабилност во водата. Децата треба редовно да се разгалуваат и да избегнуваат изложување на сончеви зраци во периодот од 11 до 17 часот кога УВ-индексот е највисок.

Извор



912

X