Количината на морскиот мраз на загрижувачки ниско ниво

04.03.2024 01:43
Количината на морскиот мраз на загрижувачки ниско ниво

Трета година по ред покриеноста со мраз околу Антарктикот паѓа под два милиони квадратни километри. Оваа бројка е само еден во низата загрижувачки сигнали за сериозноста на антропогените климатски промени, но што всушност ни кажува тоа?

Површината на мразот кој плута околу континентот никогаш не била помала од два милиони квадратни километри од 1979 година, кога почнаа сателитските следења. Откако оваа граница првпат беше соборена во 2022 година, сега тоа се случува трета последователна година, пренесува Гардијан, а истото го потврдуваат податоците на Американскиот центар за снег и мраз (НСИДЦ).

Научниците предупредуваат дека и оваа невообичаено ниска година е дополнителен доказ за промената на режимот на просторот на Антарктикот која е последица на глобалното затоплување. Во новите истражувања се истакнува дека континентот окован со мраз претрпел „ненадејна критична транзиција“.

Антарктикот проаѓа низ релативно стабилен циклус, односно две годишни времиња - лето и зима и во склад со тоа варира и количината на морскиот мраз.

Во зима океанската вода замрзнува, а со оглед на тоа дека се работи за Јужниот пол, ова се одвива во период од годината кој кај нас на северната полутопка важи за потопол (од март до октомври). Тогаш морскиот мраз во просек типично покрива околу 18,5 милиони квадратни километри.

Од друга страна, во летните антарктички месеци (од октомври до март), ледените површини се намалуваат драстично. Летото ја достигнува својата кулминација на самиот крај, во февруари и март, кога површината на морскиот мраз вообичаено паѓа на својот просечен годишен минимум од околу 2,5 милиони квадратни километри.

Но последниве години минимумот е значително помал од претходно.

Пред три години најниските забележани вредности во текот на годината првпат беа под прагот од два милиони квадратни километри. Така е и годинава: на 18-ти февруари петдневниот просек на морскиот мраз изнесуваше 1,99 милиони квадратни километри, за на 21-ви февруари да се намали на 1,98 милиони.

Најниските количини на антарктичкиот морски мраз во последниве 45 години, од само 1,78 милиони квадратни километри, измерени се во февруари 2023 година, која беше најтоплата година во досегашната историја на мерењата, а многу веројатно и во последните сто илјади години.

Иако загубите на морскиот мраз се предизвикани и од природна варијабилност, температурите во антарктичкиот регион растат речиси трипати повеќе од светскиот просек кој изнесува 1,2 степени целзиусови.

И покрај тоа што директната улога на морскиот мраз во зголемувањето на нивоата на морињата е незначителна, неговото исчезнување сепак и индиректно придонесува за оваа појава. Морскиот мраз на Антарктикот претставува одбрана од бури и океански води за ледените плочи и ледниците. Без оваа заштита мразот на копното ќе се топи побрзо и ќе предизвика понатамошен пораст на нивоата на морињата.

Антарктичката ледена плоча зазема 14 милиони квадратни километри и содржи 30 милиони кубни километри мраз. Нејзиното целосно топење би го зголемило нивото на морињата за 70 метри.

За што зборуваме кога велиме „морски мраз“?

Всушност, морскиот мраз е замрзната морска вода која плута на површината на океанот. Во текот на зимата се формира на Антарктикот, како и на Арктикот. Во лето се повлекува, но никогаш не исчезнува целосно.

Важно е да се нагласи дека во морскиот мраз не спаѓа мразот на копното како што се ледниците и ледените плочи. Сепак, тоа не го релативизира фактот дека последиците од неговото топење не се исклучиво регионални, туку можат да се одразат и на остатокот од светот.

Белите површини рефлектираат значително повеќе сончева светлина во вселената во однос на океанот. Кога мразот се повлекува се откриваат поголеми површини темна вода кои впиваат повеќе енергија од сонцето. Загреаните океани последично топат повеќе мраз, а овој ефект на позитивна повратна спрега во наредните години би можел да влијае и на глобалната клима, наведуваат од Американската воздухопловна и вселенска администрација (НАСА).

Морскиот мраз зазема околу седум проценти од површината на Земјата, односно околу дванаесет проценти од површината на светските океани.

Спротивно на некои заблуди, морскиот мраз не придонесува за зголемување на нивото на морињата, барем не во онаа мера и на оној начин на кој се мисли. Плутачките објекти, како што се морскиот мраз или сантите, веќе се наоѓаат во водата и затоа, тие суштински се однесуваат како коцка мраз која се топи во чаша и нема да го промени нивото на водата.

Но постои еден фактор кој се занемарува.

Станува збор за салинитетот, односно разликата во густината помеѓу солената и слатката вода. Затоа морскиот мраз (иако минимално) резултираше со зголемување на нивото на морињата од 1,1 милиметри помеѓу 1994 и 2017 година. Тоа е драстично помалку во споредба со ледените плочи од копното кои, како што покажува една студија, од 1992 до 2020 година го зголемиле нивото на морињата за околу 21 милиметар.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Alex Cornell

Извор: https://klima101.rs/