Достапни линкови

Зошто актерите Линдзи Лохан и Долф Лундгрен бараат оставка од молдавската претседателка?


Брајан Баумгартнер бара оставка од молдавската претседателка
Брајан Баумгартнер бара оставка од молдавската претседателка

Со насмевка на лицето и со ведар глас, холивудскиот актер Брајан Баумгартнер гледа во камерата и на едвај дешифрирачки руски јазик ја повикува молдавската претседателка Маја Санду да поднесе оставка.

Дури и според стандардите на Тик-Ток, тоа беше бизарно.

Ѕвездата од хит американското ТВ-шоу „The Office“ се чини дека беше една од многуте холивудски ѕвезди, вклучувајќи ги Долф Лундгрен и Линдзи Лохан, кои учествуваат во последната про-Кремљ кампања за дезинформации насочена кон Санду, прозападната лидерка на Молдавија, една од најсиромашните европски земји.

Дигиталната форензичка истражувачка лабораторија (DFRLab), аналитичка единица за дезинформации на Атлантскиот совет, тинк-тенк со седиште во Вашингтон, откри дека проруските актери на дезинформации ги поттикнуваат познатите личности од САД да снимаат видео - очигледно читајќи од сценарио чие значење веројатно не го разбираат, повикувајќи на пад на Санду.

Во него се вели дека оцрнувањето на Санду во октомври 2023 година личи на слична кампања за дезинформација на социјалните медиуми, која лажно го прикажува украинскиот претседател Володимир Зеленски како зависник од дрога, што вклучуваше и апели од познати личности.

Санду постојано беше мета на онлајн оцрнувања и шеги. Пред националните избори во 2023 година, имаше неколку лажни видеа насочени кон неа, вклучително и едно на кое се прикажува како таа ја објавува својата оставка и поддршка за проруската партија финансирана од Илан Шор, бегалец, тајкун кој ги финансира про-Кремљ медиумите и политички партии во Молдавија и кој беше вмешан во досега најголемиот грабеж на банка во земјата.

Иако се далеку од убедливи, овие сајбер-акробации служат за одредена цел, објаснува Викторија Олари, авторка на извештајот на DFRLab.

„Целта на оние кои стојат зад овие кампањи не е нужно да ги убедат луѓето во нивната автентичност, иако верувам дека дел од населението помалку образован за медиумска писменост и технологии за вештачка интелигенција би можел да падне на овие манипулации. Напротив, тие се обидуваат да ги тестираат тенденциите, да ја следат реакцијата на јавноста, за подоцна, во претседателската кампања, да дојдат со пософистицирани техники“, рече Олари за РСЕ.

Иако нема докажана врска со Кремљ со оваа најнова измама на Тик-ток јасно е дека Санду, поранешен економист на Светска банка, не е пријател на Москва, со оглед на желбата на нејзината влада цврсто да ја поврзе земјата со Запад, вклучително и како членка на Европската Унија.

Набргу откако рускиот претседател Владимир Путин ја започна целосната инвазија на неговата земја врз Украина во февруари 2022 година, експертите и другите стравуваа дека Молдавија, исто така, ќе биде следна. Поранешната советска република од 2,6 милиони жители која ја дели границата со Украина, Молдавија, веќе се соочува со контингент од околу 2.000 руски војници стационирани во нејзиниот отцепен регион Трансдњестар.

Санду го обвини Кремљ во февруари 2023 година за заговор за соборување на нејзината влада во услови на превирања поради кои нејзиниот премиер поднесе оставка по, како што ја нарече „енергетска уцена“, додека рускиот енергетски гигант Газпром ја прекина испораката на природен гас за Молдавија.

На шест телевизиски канали, во сопственост или со врски до Шор, им беа суспендирани лиценците во декември 2023 година поради дезинформации, додека пристапот до 20 веб-страници на руски јазик беше блокиран во октомври.

Поради обемот на руската пропаганда во Молдавија, Санду, во мај 2023 година, го основаше Националниот центар за одбрана на информации и борба против дезинформации за да се спротивстави на тоа.

Холивуд Cameo

На 26 септември 2023 година, на Тик-Ток се појави видео под прогилот oleg spb2 на кое се прикажуваат изведувачи и актери, меѓу кои беа и Мајкл Медсен и раперот Егзибит, како пренесуваат чудна порака.

Видеото е компилација од пократки клипови од апликацијата наречена Cameo, која им овозможува на корисниците, да бараат персонализирани видео пораки од познати личности или други истакнати луѓе. Видеото започнува „безопасно“, скокајќи напред-назад од една славна личност на друга, а секоја од нив упатува поздрав на англиски до некој идентификуван како „Санду“. Меѓутоа, додека тие зборуваат, позастрашувачка порака на руски се прелистува низ екранот со крвави букви.

„Ние, холивудските ѕвезди, го поддржуваме народот на Молдавија во нивната желба да те соборат, Санду #DavaiteSkinemSandu“ (руски за #Let'sBringDownSandu)“.

Видеото завршува со учесниците кои весело ја повторуваат истата фраза на руски јазик со јак акцент: „Ајде да ја урнеме Санду“.

DFRLab соопшти дека материјалот „не изгледа како длабок фејк, а сите прикажани уметници во видеото се на Cameo“.

Апликацијата Cameo беше искористена и во слична шега насочена кон Зеленски во 2023 година. Познати личности, од актерот Илајџа Вуд до поранешниот боксер Мајк Тајсон, снимија видеа на англиски јазик во кои го повикуваат некој кој се нарекува „Владимир“ да стави крај на зависноста од дрога.

Мајкрософт објави извештај на 7 декември 2023 година, во кој се вели дека од јули 2023 година, актери под влијание на Русија ги измамиле познатите личности да снимаат видео пораки кои биле искористени во проруската пропаганда за лажно да го претстават Зеленски како зависник од дрога. Еден од овие „напори“, вклучувајќи го и оној на американскиот актер Џон Мекгинли, беше преземен од руската државна новинска агенција РИА Новости на 17 август 2023 година.

Виралност

Профилот на Тик-Ток кој прв го објави видеото на Cameo насочено кон Санду, претходно објавуваше клипови од руските ТВ-шоуа за поддршка на Кремљ, откри DFRLab. Исто така, се наведува дека профилот објавувал „пораки против Санду и нејзината проевропска влада“.

Профилот повеќе не е активен, а DFRLab соопшти дека не може да утврди дали платформата или сопственикот на профилот го избришале.

Сепак, други профили на социјалните мрежи го преземаа и повторно го објавија видеото. Телеграмскиот канал „Заживување на Молдавија“ беше првиот што го сподели видеото од oleg_spb2. Овој канал е создаден само еден месец порано, на 24 август 2023 година, соопшти DFRLab.

Има помалку од 500 претплатници и се опишува себеси како „Информативен и аналитички ресурс за сите оние кои сакаат заживување на Молдавија“. Користи лого слично на логото на Партијата на преродбата, проруска партија во Молдавија.

Меѓутоа, овој Телеграмски канал го промени своето лого и име во „Baba Parashka“ откри DFRLab, исто така продавајќи дезинформации за мултинационални воени вежби во Молдавија.

Оттаму, другите канали на Телеграм, на пример, Gagauznews со повеќе од 9700 претплатници и Salut Moldova со повеќе од 5600 претплатници го реобјавија видеото на славните, додавајќи дека видеото има вкупно 85 000 прегледи.

Она што се чинеше дека е координиран напор за промовирање на видеото од „Revival of Moldova“, „Gaugauznews“ и „Salut Moldova“ „беше очигледно и на Фејсбук“, открива DFRLab.

Мешањето на Кремљ и про-Кремљ пропагандата, сепак, не ја запреа европската траекторија на Кишињев. Во јуни 2022 година, по целосната инвазија на Украина од страна на Русија, Молдавија доби официјален кандидатски статус за членство во ЕУ. Тие аспирации дополнително беа поттикнати во декември 2023 година, кога Брисел рече дека ќе ги отвори пристапните преговори за Молдавија во блокот од 27 нации заедно со Украина. Во ноември 2023 година, Кишињев се приклучи на санкциите на ЕУ против Русија.

Со претседателските избори наесен, на кои Санду веќе изјави дека ќе се кандидира, се очекува да продолжат ударите против неа и Молдавија, предвидува Олари од Атлантскиот совет.

„Како што се движиме кон претседателските избори, дефинитивно можеме да очекуваме да видиме повеќе од овие работи што се појавуваат и да очекуваме техниките да станат поостри“, заклучува аналитичарката Олари.

XS
SM
MD
LG