Граѓаните тргнаа во „битка за јајца“, две табли се минимум за фарбање за Велигден

Редици за купување на јајца/Фото: СП

Реално е дека табла јајца на зелените пазари е поевтина за дваесетина денари од актуелните цени во маркетите и во моментот чини од 190 до 220 денари. Се разбира, најбарани се белите јајца, оти старите домаќинки велат дека на нив бојата подобро се фаќала. Трговците велат дека јајца има доволно, но дали оваа цена ќе се задржи и идната недела, никој не сака да прогнозира

На една недела пред Велигден, граѓаните тргнаа во „битка за јајца“. Најчесто се купуваат по две табли, да има фазла ако се распукаат во допир со боите. Турканиците се најголеми пред продавниците на живинарските фарми, а редиците излегуваат дури и од оградата на пазарот.

Граѓаните на шега прашуваат дали се дели нешто бесплатно, но реално е дека табла јајца на зелените пазари е поевтина за дваесетина денари од актуелните цени во маркетите и во моментот чини од 190 до 220 денари. Се разбира, најбарани се белите јајца, оти старите домаќинки велат дека на нив бојата подобро се фаќала.

Трговците велат дека јајца има доволно, но дали оваа цена ќе се задржи и идната недела, никој не сака да прогнозира. Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство и годинава ќе спроведуваат засилени контроли на продажбата на јајцата, боите за вапсање, месото и другите прехранбени производи. Засилено ќе се контролираат и увозните пратки со јајца на граничните премини, а акцентот е ставен на датумот на пакување и означување, временскиот рок на траење.

Украси за велигденски јајца/Фото: Слободен печат

Не смее да се увезуваат јајца со подолг рок на траење од 28 дена, додека „екстра“ јајцата не смеат да бидат постари од 9 дена, советуваат секоја година од АХВ. Инаку, контролите на домашниот пазар се спроведуваат во производството, преработката, дистрибуцијата и продажбата на јајца, со акцент на нивното означување, условите на чување и складирање, за кои пред празниците има зголемена побарувачка.

Покрај продавачите на јајца, добар дел од тезгите продаваат варзило и индустриска боја, сликички, разни декорации, слама и секаков вид кошнички. Добро минуваат и велигденските чаршафи, перничиња и чинии…

– Младите сакаат убави декорации и украси, а кога меѓу себе си подаваат вапсани јајца, тие треба да бидат во шарени кошнички. Имаме секаков вид, цените се нешто малку поскапени од лани – велат на една тезга на Зелениот пазар. Сепак, боите не смеат да претставуваат опасност за здравјето на луѓето, затоа тие треба да се купуваат исклучиво од регистрирани оператори што се под контрола на АХВ, објаснуваат експертите од АХВ. Се контролира дали боите се соодветно означени и спакувани во оригинално пакување, бидејќи, бојата во рефус состојба и без декларација е небезбедна.

Инаку, контролите на домашниот пазар се спроведуваат во производството, преработката, дистрибуцијата и продажбата на јајца, со акцент на нивното означување, условите на чување и складирање, за кои пред празниците има зголемена побарувачка.

– Со засилените инспекциски контроли се опфатени и производителите, увозниците и трговците со бои за јајца, во поглед на тоа дали ги исполнуваат општите и посебните услови за безбедност на боите, односно дали се во согласност со одредбите од Законот за безбедност на храната и Правилникот за адитиви што се користат во храната – вели Николче Бабовски, директор на АХВ. Се контролира дали боите се соодветно означени и спакувани во оригинално пакување, бидејќи, бојата во рефус состојба и без декларација е небезбедна.

Килограм јагнешко од 600 до 700 денари, прасечкото е двојно поевтино

Слаба е понудата на јагнешко месо во моментов, а цената му се движи од 600 до 700 денари за килограм. Граѓаните само прашуваат, а најбарани се главчињата што се нудат по 70 денари парче. И оние што сакаат дроб-сарма, тешко ја наоѓаат иако годинава таа чини речиси 200 денари. Од друга страна, дел од месарниците извадија прасечко месо, кое може да се најде од 369 до 399 денари за килограм.
Граѓаните велат дека јагнешкото месо им станало луксуз, па затоа не можат да си дозволат велигденска трпеза како што некогаш имале. Сточарите велат дека ќарот е кај трговците. Јагнешкото месо тие го даваат по цена од 240 денари за килограм, а потоа во месарниците се продава многу поскапо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот