ВИДЕО: Ученикот поуспешен од учителот, Арсенал со „петарда“ го испрати шампионот од Лондон

Екипата на Арсенал успеа да извојува важна победа и го „потопи“ Манчестер Сити со конечни 5-1 (1-0) во големото дерби на 24. коло од англиската Премиер лига. Избраниците на Микел Артета беа многу подобар ривал и сосема заслужено го освоија целиот плен, враќајќи се на шест бода разлика во однос на водечкиот Ливерпул. 

  • Извештај од натпреварот:

„Топчиите“ добро го отворија натпреварот и поведоа преку Мартин Одегард уште во втората минута, а Сити беше во мал шок и не успеваше да создаде шанси за брз „кам-бек“. Актуелниот шампион потоа ја презема топката кај себе, успеа да упати два шута во рамките од голот, но до паузата резултатот не се промени (1-0). 

Стартот на вториот дел донесе иницијатива на „граѓаните“, тргнаа во поголема офанзива и успеаја да израмнат на 1-1 преку Ерлинг Халанд, кој биеше во 55. минута и го постигна 250. гол во професионалната кариера. 

Во моментите кога се чинеше дека гостите влегуваат во добар моментум, Арсенал приреди „експлозија“ и со два брзи гола покажа дека има намера да ги освои трите бода. Најпрво водството го врати Томас Парти, а потоа стрелаше и Мајлс Луис-Скели, кој зголеми на 3-1 во 62. минута. 

До крајот на мечот Сити јалово се обидуваше да се врати во резултатска неизвесност, тргна и во голема офанзива, а тоа домаќинот успеа да го искористи на најдобар можен начин и стигна до четврт погодок, кој беше дело на Каи Хаверц. Германецот стрелаше во 76. минута, а конечните 5-1 ги постави 17-годишниот Етан Нванери, кој ја затресе мрежата во 93. минута од натпреварот. 

Арсенал сега има 50 бода и останува на втората позиција, додека Сити е четвртопласиран со девет бода помалку од лондонскиот ривал. Во следното коло „топчиите“ ќе гостуваат кај Лестер Сити,  a Манчестер Сити на домашен терен ќе го пречека Њукасл Јунајтед. 

Состави