logo
logo
logo

Израел го започна нападот на Рафа, пропадна мировниот план (ВИДЕО)

Vecer | 07.05.2024

Израел го започна нападот на Рафа, пропадна мировниот план (ВИДЕО)

Израелските сили ја презедоа контролата на граничниот премин Рафа, прекинувајќи ја клучната рута за помош за веќе изгладнетиот Појас Газа.

На снимката објавена од израелските одбранбени сили (ИДФ) се гледаат тенкови кои носат големи израелски знамиња и го кршат бетонскиот знак „Ја сакам Газа“.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант рече дека офанзивата ќе продолжи се додека силите на Хамас во Рафа „и целиот Појас Газа“ не бидат „елиминирани“ или додека милитантната исламистичка организација не почне да ослободува заложници.

„Ова е почеток на нашата мисија да ги уништиме последните четири бригади на Хамас во Рафа. Во тоа не треба да се сомневате“, изјави владиниот портпарол.

Израелската операција беше започната неколку часа откако лидерите на Хамас објавија дека ќе го прифатат неодамнешниот предлог за прекин на огнот, изнесен од катарските и египетските посредници.

Примирјето ќе го означеше првиот прекин во борбите од ноемврискиот прекин на огнот за време на кој Хамас ослободи околу половина од 250-те израелски и заложници од други националности заробени во ненадејниот напад врз Израел во октомври. За време на таа размена, Израел ослободи 240 Палестинци од своите затвори.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека не е задоволен од новиот предлог на Хамас за прекин на огнот, а Хамас предупреди дека нема да има договор доколку продолжи израелската агресија врз Појасот Газа.

Нетанјаху рече дека новиот предлог на Хамас за прекин на огнот е далеку од основните барања на Израел, додавајќи дека сè уште е неопходен воен притисок за ослободување на заложниците што Хамас ги држи во Појасот Газа.

Израелските сили ја зазедоа палестинската страна на граничниот премин Рафа, што Нетанјаху го опиша како „многу значаен чекор кон уништување на преостанатите воени капацитети на Хамас“.

Официјалниот претставник на Хамас, Осама Хамдан денеска предупреди дека нема да има прекин на огнот доколку продолжи израелската агресија врз Појасот Газа.

Хамдан ова го изјави на прес-конференција во Бејрут, а делегацијата на Хамас во меѓувреме пристигна од Доха во Каиро за да ги продолжи преговорите за прекин на огнот, соопшти Хамас.

„Тврдиме дека воената операција во Рафа, доколку ја изврши Израел, нема да биде пикник за израелската армија“, рече Хамдан. „Топката е на теренот на Нетанјаху“, додаде тој.

Тој истакна дека новиот предлог за прекин на огнот со кој се согласил Хамас е „минимумот што ги исполнува барањата на нивниот народ и нивниот отпор“.

„Преминот Рафа беше и ќе остане исклучиво египетско-палестински премин“, рече Хамдан.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk