Судскиот совет е пред крај со имплементацијата на препораките на Оценската мисија на ЕУ

Судски совет/Фото: Слободен печат-Слободан Ѓуриќ

Судскиот совет интензивно работи на имплементацијата на препораките на Оценската мисија на ЕУ и се очекува наскоро да бидат имплементирани 17 од вкупно 40 препораки што ги даде мисијата, а кои се под директна надлежност на Советот. Останатите препораки се среднорочни и долгорочни и за нивна имплементација се потребни уставни и законски измени.

На брифинг во Судскиот совет денеска беше истакнато дека е изготвен Акциски план за имплементација на 17-те препораки од Извештајот на Оценската мисија на ЕУ, заедно со проектот на ЕУ за поддршка за владеење на правото.

– Во акцискиот план е точно наведено кои мерки треба да се преземат, кое лице е одговорно за нивното спроведување, кои се временските рокови и потребните ресурси, како и индикаторите за успех. Решени сме да не се пречекори временската рамка од овој акциски план, дел од препораките се имплементирани, а останатиот дел ќе биде имплементиран наскоро – рече Весна Дамева, претседателка на Судскиот совет.

Пет од препораките се однесуваат на транспарентност и отчетност и за нивното исполнување Советот изготвил комуникациска стратегија. Овој документ следниот месец ќе биде прегледан заедно со претседателите на сите судови, за и тие да ги дадат своите забелешки, затоа што комуникациската стратегија се однесува и на работата на судовите. Финалниот текст ќе се усвои во јуни, а ќе биде презентиран во првата недела од јули.

Ќе се извиши и промена на Деловникот за работа на Советот, со кој ќе се утврдат рокови за траење на дисциплинските постапки, за да се спречи, како што беше истакнато на брифингот, долгото стоење на дисциплинските постапки во фиоки кај членови на Советот. Ќе се утврди и следливост на движење на предметите во рамките на Судскиот совет. Се бара и начин со вметнување на активно учество да се овозможи во работата на Судскиот совет да учествуваат и членови на здружението на судиите и на невладините организации при изготвување на годишните извештаи.

Ќе се менува и правилникот за рангирање за избор на судии во повисоките судови, со што ќе се предвиди да се намалат бодовите за познавање на странски јазик, а да се зголемат бодовите за дополнителна работа и за делегирање во судови во помалите градови.

До крајот на годината се очекува работната група во Министерството за правда да ги подготви измените на Законот за Судскиот совет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот