Рубрика: Геологија
Неконтролираното испумпување на подземните води го промени наклонот на оската на Земјата
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 20.06.2023 - 13:30

Земјата изгубила толку подземна вода наменета за згаснување на жедта на луѓето што тоа оставило мерлива трага во наклонот на оската на ротација на планетата. Имено, исцрпувањето на подземните акумулации од страна на човекот ја променило глобалната дистрибуција на вода толку многу што Северниот пол се поместува за повеќе од 4 сантиметри годишно.

Нето изгубената вода од подземните акумулации во периодот помеѓу 1993 и 2010 година се проценува на повеќе од 1012 тони. Тоа предизвика географскиот Северен Пол да се поместува со брзина од 4,36 сантиметри годишно, како што пресметале истражувачите. Резултатите се објавени на 15 јуни во Geophysical Research Letters.

Косината на оската по која ротира секој небесен објект има тенденција да биде стабилна. Но, мали промени може да се случат кога има промени во локацијата на големи маси во внатрешноста на планетата и на нејзината површина.

Секоја маса што се движи околу површината на Земјата може да ја промени оската на ротација“, вели Ки-Веон Сео, геофизичар од Националниот универзитет во Сеул.

Астрономите можат да ги следат ваквите промени во оската на Земјата преку набљудување на квазарите, светлите центри на далечните галаксии кои претставуваат практично неподвижни референтни точки. Најголемата промена во наклонот на оската е сезонска и се случува поради движењето на атмосферските маси, со промената на времето и годишните времиња. Овој ефект предизвикува географските полови на Земјата да се “шантаат” и до неколку метри секоја година.

Промените кај водните маси може да предизвикаат помали, но сепак мерливи промени во наклонот на оската на Земјата. До неодамна, истражувачите сметаа дека овие ефекти предизвикани од водата ќе бидат предизвикани воглавно од топењето на глечерите и ледените капи на половите. Но, кога Сео и неговите соработници се обиделе да ја моделираат содржината на вода на Земјата за да го објаснат наклонот на оската, тие не можеа целосно да ги објаснат податоците. Не помогнало ниту додавањето на ефектите од промените во површинските акумулации, па научниците претпоставиле дека сосема веројатно во ефектот  е вклучена и промената кај подземните води.

Гравитационите истражувања го измериле исцрпувањето на подземните резервоари, што во голем дел е предизвикано од наводнувањето, особено во регионите на северозападна Индија и западна Северна Америка. Овие истражувања покажуваат дека испумпувањето на подземните води преместило доволно маса во океаните за да предизвика глобално зголемување на нивото на морето за 6,24 милиметри во периодот помеѓу 1993 и 2010 година. Со вклучување на овие промени во нивниот модел, авторите пресметале дека тие треба да имаат значително влијание врз оската на ротација на Земјата. Тие предвиделе дека самото поместување на подземните води предизвикува поместување на Северниот пол од 4,36 сантиметри годишно, приближно во правец на рускиот архипелаг Нова Земја.

Истражувањето „го кристализира размерот на екстракција на подземните води ширум светот до значајна, релативна метрика“, вели Алегра ЛеГранд, климатолог од Институтот за вселенски студии Годард на НАСА, во Њујорк. Соочувањето со уште едно глобално влијание на луѓето врз светот, како што вели таа, придонесува за чувство на „тага и стравопочит“.

Извор: Nature

Клучни зборови: