Разликата меѓу Силјановска и Пендаровски поголема од освоените гласови на кандидатот на СДСМ

Сиљановска Давкова со двојна предност пред Пендаровски води со повеќе од гласовите кои ги освои актуелниот шеф на државата. Мапата на Државната изборна комисија се обои во портокалово, а СДСМ покажа историски најслаби резултати на избори под 200 илјади гласови. 

Од обработени скоро 100 проценти од гласачките ливчиња, официјалната страна на ДИК покажа дека најмногу гласови на претседателски избори, освои кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова 362.682 гласа  или нешто над 40%. Втор, но далеку зад неа е Стево Пендаровски од СДСМ со 180.306 гласа или 19,93%. Давкова победи во 60 општини, а го претрка Пендаровски дури и во Струмица и Центар кои важат за бастиони на СДСМ. Актуелниот шеф на државата пак победи само  во 3 општини Центар Жупа, Крушево и Маврово. 

Со 120 903 гласа и победа во 16 општини, трет е Бујар Османи од ДУИ, актуелниот министер за надворешни работи. Победи во Тетово, каде градоначалник е Касами, а победа однесе и во Чаир, каде поранешниот прв човек на општината и екс интегративец, предводник на огнените – Изет Меџити пред почетокот и за време на кампањата ја обвинуваше ДУИ  за коруптивни зделки и дивоградби во Чаир. По резултатите, ДУИ ги повика да си ги спакуваат куферите.  

Максим Димитриевски од ЗНАМ го претрка Арбен Таравари. Поранешниот член на СДСМ и актуелен градоначалник на Куманово освои дури 83.787 гласа и е четврт на листата. Победи и во Куманово.

И Таравари победи во Гостивар, каде е градоначалник, но во тесна трка со Османи. Победата ја доби само со 75 гласа повеќе од Османи. 

Ванковска поддржана од Левица освои нешто над 40 илјади гласа или 4ипол проценти. Интересен е фактот што актуелниот градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски, ги доби потребните 10 илјади потписи за кандидатура, но освои само  8.103 гласа на изборите.

Право на глас, на овие избори, имаа 1.814.317 граѓани, запишани во избирачки список и распоредени на 3.480 избирачки места. Од ДИК порачаа дека вчерашното гласање помина мирно. Прекинато беше само на 3 места во Куманово, поради изгубен печат и проблеми со биометриските уреди.  

За да се избере претседател во првиот круг, потребно е еден од кандидатите да освои мнозинство гласови од вкупниот број  избирачи. Поради тоа што никој не го доби потребното мнозинство, вториот изборен круг на 8 мај, ќе го трчаат Гордана Силјановска Давкова и Стево Пендаровски.