ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
16.04.2024
Започнува финалната серија за одбојкарската титула , Струмица – Штип УГД

Одбојкарите на ОК Штип УГД по сензационалното освојување на одбојкарскиот Куп на Македонија, започнуваат со уште една историска епизода – финалната серија во Првата одбојкарска лига. Пласманот во финалето, каде играат со подолго време неприкосновената екипа на Струмица, е само потврда на огромниот успех со освојувањето на Купот. Финалната серија започнува со дуелот во Струмица (вторник, 16 април, 19.30, сала Парк Струмица), а вториот во петок во Штип. Финалната серија се игра во три добиени натпревари, што значи можни се и пет мечеви.

Нашата цел и пред почетокот на сезоната беше да се пласираме во Фајнал форот и во Купот и во првенството, така што тие цели ги остваривме уште многу порано. Што се однесува до ова финале со Струмица, реално како екипа бевме многу подобри од вториот полуфиналист, Работнички, но тоа некако како екипа не го докажавме на првиот натпревар, но стегнавме заби, направивме промени во тактиката и мислам дека заслужено се најдовме во финалето. Е сега, кога ќе дојдеш до една финална серија, апетитите растат, поинаку гледаш на работите, не гледаш само да се пласираш…

Мислам дека играчите се подготвени, до некоја фаза во која можеме солидно да се носиме со екипата на Струмица, која е апсолутен фаворит во разигрувањето за титула. Но, ние покажавме и во Купот дека знаеме добро да се носиме кога не сметаат како аутсајдери, така да се надева, изјавувам подолго време дека очекувам повеќе од три натпревари во финалната серија“ – изјави во пресрет на првиот натпревар од финалната серија Кристиан Ристески, тренерот на ОК Штип УГД.

 ОК Штип УГД испишува историја

Ристески вели дека колку и да е изненадување овој успех на ОК Штип УГД, сепак во одбојкарските кругови се следи што се работи во Штип:

Со самото доведување на тројца Иранци, екипата ги пополни оние „дупки“ во составот кои фалеа за да биде компетитивна за високи цели и дострели. Како ја градевме формата така веќе се навестуваше дека токму ние ќе бидеме едни од финалистите, како и за освојувањето на Купот, така и за разигрување за титулата. Така да, во одбојкарските кругови не е толкаво изненадување, но за градот, за граѓаните, навивачите е на некој начин изненадување

Ова е навистина голема афирмација на Штип, а самите резултати носат и поголем интерес и од спонзорите, кои заедно со досегашните спонзори, градот, УГД, забележуваат дека преку овој спорт може да дојде и до поголема афирмација и на градот и на спортот воопшто и да се постигнат и повисоки резултати. На некој начин, тоа и ни беше целта, да докажеме дека можеме тоа да го оствариме и може во иднина да испадне една успешна приказна и за градот и за клубот“

Сите натпревари од финалната серија ќе бидат пренесувани на МРТВ, 16 април во Струмица, петок 19 април во Штип, третиот натпревар пак во Струмица во понеделник (22 април). Термините ќе бидат одредени и во зависност од програмската шема на МРТВ, исто како и термините за евентуалните трети и четврти натпревар.

Како функционираат онлајн шопинг измамите: Ви продаваат погрешен производ, а потоа ве блокираат
Учениците од понеделник на пролетен распуст, наставата ќе продолжи на 7 мај