logo
logo
logo

Силни експлозии околу нуклеарната централа Запорожје

Vecer | 27.01.2023

Силни експлозии околу нуклеарната централа Запорожје

Најмалку 11 лица загинаа во последната серија гранатирања од руска страна по што Киев побара дополнителна помош на само ден откако доби ветувања од САД и Германија за испорака на модерни борбени тенкови. Државната служба соопшти дека соборила над 40 руски проектили, додавајќи дека Русите во нападот користеле хиперсонични ракети од типот Кинжал. Поради експлозиите, локалните жители беа принудени да бараат заштита во метро станиците.

Во масовното гранатирање сериозно е оштетена енергетската инфраструктура што доведе до прекин на електричната енергија во регионите Одеса, Киев и Виница, силни експлозии се слушале и во околината на нуклеарната централа Запорожјe, која е под руска окупација, соопшти агенцијата за нуклеарна енергија на ОН.

„ Експлозиите ми беа пред очи, оглувев поради вревата од гранатирањата....“

Руската агресија може да се запре само со соодветно оружје, порача Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој побара нови санкции против Русија, но и дополнително легално оружје.

„Оружје на бојното поле. Оружје што го штити нашето небо, нови санкции против Русија, политичко и економско оружје. И легално оружје - треба да работиме уште понапорно за да се формира суд за злосторството на руската агресија врз Украина, со цел да се надомести штетата направена во војната - од средства на Русија. Секоја руска ракета против нашите градови, секое иранско беспилотно летало што го користат терористите, е аргумент зошто ни треба повеќе оружје. Само оружјето ги неутрализира терористите. “-- Володимир Зеленски, Претседател на Украина.

Меѓу другото германскиот министер за надворешни работи во изјава за медиумите рече дека во најоптимистичко сцебарио ќе бидат потребни барем два месеци тенковите Леопард 2 кои што Германија ќе и ги испорача на Украина, да влезат во бојното поле. И Полска најави дека ќе ѝ испрати на Украина 60 тенкови „ПТ-91 Тварди“, покрај претходно ветените 14 тенкови „Леопард два“, најави , шефот на кабинетот на украинскиот претседател. Претходно, Варшава испрати околу 200 тенкови Т-72 во Киев.

Инаку портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков соопшти дека американскиот претседател Џо Бајден го има клучот за ставање крај на конфликтот во Украина со насочување на Киев, но дека Вашингтон досега не сакал да го искористи.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk