ГАЗА: Луѓето во северниот дел гладуваат
Објавено во: Свет 05 Мај, 2024
Луѓето во северниот дел на Појасот Газа се соочени со „целосно гладување“.
Шефицата на Светската програма за храна на Обединетите нации (ОН), Синди Мекејн за ТВ мрежата NBC изјави дека е тешко за гледање и дека катастрофалната ситуација се шири кон југ.
„Има гладување, целосно гладување на север и се шири кон југ. Тоа е ужас“, изјави Синди Мекејн, пренесува Си-Ен-Ен.
Таа додаде дека нејзината организација бара прекин на огнот и непречен пристап до Газа со цел да испорача хуманитарна помош.
Шефот на турската дипломатија, Хакан Фидан повика на глобално муслиманско единство за поддршка на Палестинците. Фидан додаде дека должност на целата глобална муслиманска заедница е да ги збие редовите во одбрана на Палестинците.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху силно ги отфрли барањата на Хамас за прекин на војната во Газа во замена за ослободување на заложниците, велејќи дека тоа ќе ја задржи палестинската исламистичка група на власт и ќе претставува закана за Израел.
Лани на 7 октомври палестинската терористичка група Хамас го нападна Израел. Потоа израелските вооружени сили почнаа со операција во Појасот Газа.