Македонија
7. May 2024 - 16:39

Избори во Идризово, гласаат близу 900 затвореници

Жители на 60тина општини, а гласање во едно избирачко место. Затворениците од Идризово го остваруваат избирачкото право. Гласаат во групи по десетмина според одделенијата во кои ја издржуваат казната.

Се гласа во некогашната менза. Обемниот избирачки материјал е распослан по кујниските маси, а на истите стојат и двете гласачки кутии. Ден пред официјалното гласање, правото на избор го остваруваат 887на затвореници.

Затворениците добиваат гласачки ливчиња од изборната единица според нивното место на живеење. По изборот направен зад параванот, ливчињата најпрво се ставаат во плик со име на општината, па потоа се пуштаат во гласачката кутија

На избирачкото место не се употребува фингерпринт уредот за отпечаток од прст. Идентитетот на затворениците бил утврден при влез во казнено-поправната установа, па денеска се гласа со домска легитимација.

Гласањето трае до 19 часот. По отворање на гласачката кутија, секој плик се предава на општинската изборна комисија од каде доаѓа затвореникот.. Утре по завршување на изборите, гласовите од затворениците ќе бидат додадени на вкупниот број кои ќе ги освојат кандидатите за претседател и пратеници.