Рубрика: Астрономија и астронаутика
Воведен курс по астрономија 2023
Објавено на 24.02.2023 - 16:15

Со почеток од 14 март 2023 година, Скопско Астрономско Друштво го организира редовниот Воведен курс по астрономија. Придружете им се, затоа што учењето со нив е забавно, а овие предавања се одлична можност да се запознаете и со работата на САД.

Целта на курсот е посетителите да се запознаат со основните принципи и факти од областа на астрономијата, без да им бидат потребни предзнаења од оваа наука. Астрономските термини и објекти ќе бидат претставени со примери од секојдневието, со многу слики, анимации, неколку важни равенки и, секако, набљудувања со телескопи.

Предавањата ќе се одржуваат два пати неделно – вторник и четврток, во предавална 122 на Факултетот за електротехника и информатички технологии (ФЕИТ) со почеток од 19 часот.

Курсот ќе започне на 14.3.2023 (вторник). Предвидени се 10 термини, од кои два надвор од ФЕИТ: во Планетариумот при Младинскиот Културен Центар во Скопје и теренско набљудување на ноќното небо. Предавањата ќе завршат на 13.4.2022.

За да се пријавите на курсот неопходно е да го пополните следниот формулар. Цената на курсот е 2200 денари* и се уплаќа пред почетокот на првото предавање.

Во цената се вклучени:
• скрипта со материјали од курсот;
• посета на Планетариумот;
• набљудувања со телескопи;
• завршен тест (кој не е задолжителен);
• диплома.

Важно: Курсот не го препорачуваме за деца под 14 години.

* За студентите од ФЕИТ (со приложен индекс или студентска легитимација) курсот е бесплатен.

За повеќе информации пишете на kontakt@astronomija.mk или јавете се на 076 439 027.

Клучни зборови: