Го дочекавме и тој ден – свидетелствата се поделени. Оние со сите петки ќе собираат лајкови на социјалните мрежи, а бабите и дедовците ќе дадат пари.

Бидејќи, оценките треба да се платат, нели?

И, по крајот на учебната година, погледнавме ли како изгледаат очите на нашите деца? Дали се навистина среќни поради успехот или поради оценките? Дали се навистина среќни без разлика на оценките?

Важно е летово да размислиме за многу работи…

Пофалете го трудот наместо оценките

Оценките сами по себе го вреднуваат трудот на децата. Да, секако дека треба да ги пофалиме, но да не заборавиме дека таа тројка по математика е можеби повредна од сите други петки. Исто така, важно е да ги научите дека секоја оценка е добра, дека е на детето и дека само по себе е награда и производ на неговиот труд. Најважната порака што треба да им ја испратиме е дека тие се многу повеќе од нивните оценки.

Пофалете го напорот на детето. Заедно прославете го крајот на учебната година. Пофалете сѐ што било добро и посочете им што можеле подобро да направат. „Одлично е што редовно си ја работел домашната задача, што си добар пријател, што си активен на часовите, следната година пробај да продолжиш така“ или „Честитки за успехот, сѐ што постигна оваа година е супер, следната година обиди се да вежбаш уште малку и оценките ќе бидат уште подобри“.

Каква порака ќе му всадите на вашето дете?

За самодовербата на децата, тоа е многу позначаен поттик да се работи напорно, да се продолжи и покрај тројката по математика. Тоа е поважно од парите за оценките. Бидете внимателни со наградите, размислете дали сакате вашето дете да учи заради учење, да се натпреварува со себе и за себе или заради оценките кои ќе донесат дополнителна награда. Сите награди важат само во тој момент. Моментот згаснува за неколку дена, а исто така и вашата награда.

На крајот на краиштата, дали оценките се најважни?

Болните имаат само една желба – да оздрават. Кога сме здрави, забораваме на она што е навистина важно. Она што треба да го научиме и да го понесеме со себе во следните училишни години е дека детската насмевка е поважна од сите оценки, натпревари, успеси…

Да ги оставиме наставниците да оценат, а ние родителите имаме многу повеќе работа од оценките.

Потребно е да ги слушнеме децата, да ги разбереме, да ги негуваме вредностите што сме ги заборавиле, да ги научиме на толеранција, емпатија, љубов кон себе и кон другите. Оценките се само оценки.

И да, не заборавајте да се забавувате заедно на распуст.

Автор: Јасмина Михњак
Извор



912

X