Некои места се познати по навидум бескрајното сонце, додека други се познати по густата облачност. Во пооблачните градови може да се случи да има само два до три часа сонце во просечен ден, а може и воопшто да нема сонце.
Според „Ворлд Атлас“, Рејкјавик во Исланд е еден од најоблачните градови во светот.
Во просек има 1.236 сончеви часови во годината, што значи дека има само три до четири часа ведро небо секој ден во просек. Ова делумно се должи на северноатлантската струја која придонесува за силните ветрови, лошото време и густата облачност.

Во Лима во Перу има во просек 1.230 сончеви часови годишно. Со високата просечна влажност и близината до брегот, главниот град на Перу е еден од најоблачните градови во светот, особено во текот на зимата, од јуни до септември, бидејќи Лима се наоѓа на јужната хемисфера. Во зима, деновите во Лима може да имаат само еден час директно сонце. Без разлика на годишното време, влажноста е често висока наутро, така што утрата се магливи.
Во Сао Хоаким во Бразил има 1.065 часови годишно сонце во просек. Сао Хоаким има надморска височина од 1340 метри, а во градот има три часа директна сончева светлина на ден, освен во април кога подолго време е сончево.
Во Чонгкинг во Кина има само 1.054 сончеви часови годишно. Чонгкинг е град во централна Кина, сместен покрај сливот на реките Јангце и Џијалинг. Во овој град е облачно 21 часа на ден. Најоблачно е во јули кога влажноста е најголема.
Во Торшавн, главниот град на Фарските острови (фото), има само 840 сончеви денови во просек. Торшван важи за најоблачен град во светот со 22 часа облачно време секој ден.Фарските острови се наоѓаат на Северниот Атлантски Океан, каде што потоплите океански струи се среќаваат со постудените воздушни маси, што резултира со облачно небо. Фарските острови се познати по тоа што имаат непредвидлива клима, и иако на едно место е темно и облачно, во близина може да биде светло и сончево.