Истражувачката Марлена Феизо страдала од мачнина во текот на нејзината втора бременост. Мачнината била толку тешка, што таа не можела да јаде и се чувствувала многу слабо поради постојаното повраќање. Лекарите ѝ рекле дека тоа е само во нејзината глава.

Речиси две третини од трудниците доживуваат различни степени на мачнина или повраќање во првото тримесечје од бременоста, познато како утринска мачнина. Тешките форми на утринската мачнина вклучуваат губење на тежината и дехидратација, што може да го загрози здравјето на мајката и на бебето.

Феизо предводи тим на истражувачи кои сега, по повеќедецениско истражување, го изолирале хормонот кој дејствува на мозокот и предизвикува повраќање. Со други зборови, тие го сметаат тој хормон за виновник и предизвикувач на утринската мачнина.

Мачнината и повраќањето се многу чести во првото тримесечје од бременоста, но во околу 2 проценти од случаите, или 1 од 50 бремености, се развива најтешката форма позната како хиперемезис гравидарум (HG). Токму од оваа состојба страдала Феизо и тоа искуство ја поттикнало да продолжи да ја бара основната причина за проблемот.

На почетокот од 2022 година таа и нејзините колеги откриле неколку генетски варијанти во генот GDF15 што ги поврзуваат со ризикот од HG и понудиле докази кои ја поддржуваат теоријата дека GDF15 предизвикува хиперемеза. Како и многу други протеини, нивото на GDF15 се зголемува во бременоста, а некои жени се чини дека се почувствителни на него.

Феизо и нејзиниот тим од Универзитетот во Јужна Калифорнија откриле дека нивоата на GDF15 биле повисоки кај групата од околу 60 жени со хиперемеза гравидарум, отколку кај група бремени жени кои не биле толку погодени од утринската мачнина.

„Сега можеме со сигурност да заклучиме дека повисоките циркулирачки нивоа на GDF15 во мајчината крв се поврзани со зголемен ризик од HG“, напишале Феизо и нејзините колеги.

Веста дека научниците можеби ја откриле причината за хиперемезата треба да им донесе олеснување на бремените жени, иако сè уште не се развиени нови третмани за оваа состојба.

Извор



912

X