Македонските претседателски избори во регионот и Европа

Северна Македонија оди во втор круг од претседателските избори кој заедно со парламентарните избори би можеле да го дефинираат патот на земјата кон ЕУ, наведуваат белгиските медиуми за изборите во земјава.

„Политико“ анализира дека гласањето покажало „силно поместување“ на гласачкото тело во корист на кандидатката поддржана од коалицијата на „главната опозициска конзервативна партија“ ВМРО-ДПМНЕ. „Еуроактив“ пренесува дека „националистичката кандидатка“ за претседателка на Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова прогласи победа во првиот круг од претседателските избори, кој е „прв во серијата гласања што би можеле да одлучат дали балканската земја ќе се приклучи на Европската Унија“.

„Гласањето за главно церемонијалната претседателска функција се смета за лакмус тест за парламентарните избори на кои националистичката ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги урне владејачките проевропски и левоцентристички социјалдемократи.“ - „Еурактив“.

„Еурактив“ нагласува и дека изборите се одржуваат во време на „ќор-сокак меѓу власта и опозицијата кој трае две години, околу тоа како земјата да се справи со соседна Бугарија која го блокира нејзиниот патот кон членството во ЕУ“. Српските медиуми, пак анализираат дали во вториот круг одлучувачки ќе бидат албанските гласови.

„Врз основа на големата разлика, на Пендаровски му е потребна поддршката од двајцата кандидати Албанци за претседател Бујар Осман и Арбен Таравари“.

На победата на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и на големата предност што ја доби во однос на актуелниот претседател, акцентот го ставаат грчките медиуми.

„Главниот елемент на првиот круг од претседателските избори е обемот на победата на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Силјановска, што ги надмина и најоптимистичките прогнози на самата опозициска партија и е речиси невозможно да се промени во вториот круг. - АНА-МПА.

Северна Македонија ќе оди во вториот круг од претседателските избори, откако ниту еден кандидат не обезбеди доволно гласови за да победи во првиот круг од вчерашното гласање, што се одржа во време кога земјата се обидува да влезе во Европската унија, пишува Фокс Њуз.

„Во Северна Македонија се големи надежите дека претседателот ќе го надгледува долгоочекуваниот влез во ЕУ. Малата балканска земја орбитира околу 27-члениот блок речиси две децении, без големи резултати.“ - Фокс њуз. 

Поразот на СДСМ во првиот претседателски круг се поврзува и со други настани, особено за неуспесите во борбата против организираниот криминал и корупцијата, состојбата во судството, која е критикувана во извештаите на ЕУ и САД, наведуваат дел од светските медиуми.