Еден од најголемите хитови на дуото „ДНК“ е „Ако утре ме нема“ од 2022. Песната, во која гостува познатиот трубач Џамбо Агушев, изминативе денови е една од најсподелуваните на социјалните мрежи поради симболиката на текстот.
Вокалот на „ДНК“ Андреј Ѓорѓиески загина во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, а Владимир Блажев-Панчо е на лекување во приватна болница.
Панчо е автор на текстот, музиката ја напиша заедно со Лазар Цветкоски, а аранжманот е на Цветкоски, кого како близок соработник и пријател дуото го нарекуваше трет член на бендот.
По трагичниот пожар во кој загина Ѓорѓиески, Џамбо Агушев се сеќава на пријателот и на големиот хит, за кој вели дека ќе се памети засекогаш.
„Андреј ќе го паметам како човек со големо срце, добар музичар и другар со кого сум се дружел многупати приватно и работно на многу музички проекти со ‘ДНК‘. Еден ден, Панчо ми се јави заедно со Андреј и ми рекоа дека спремаат добра композиција во која сакаат да свирам и да внесам природна емоција со мојата труба. Тоа беше токму песната ‘Ако утре ме нема’, голем хит кој ќе се памети засекогаш. Тоа беа стихови кои ме инспирираа да свирам со душа и силна емоција“, вели Агушев и додава дека Андреј Ѓорѓиески го сакал како брат.
„Ќе го паметам како голем херој кој прерано го загуби својот живот за да спаси други животи“, ни рече Агушев.

Во моментов, тој е на турнеја низ Скандинавија со својот оркестар.
„Во знак на сочувство и жалење за жртвите на немилиот настан во Кочани ги откажавме сите наши настапи од турнејата во Германија. Но, животот мора да продолжи понатаму, сега сме на пат кон скандинавските земји. Имаме турнеја во Данска, Шведска и Норвешка и таму ќе свириме на повеќе фестивали и концерти“, вели Агушев.
Во пожарот загинаа и гитаристот Александар Коларов, тапанарот Ѓорги Ѓоргиев, придружниот вокал и професорка на ФМУ Сара Пројковска, клавијатуристот Филип Стевановски, инаку директор на Центарот за култура во Штип и Мартин Атанасовски, кој настапуваше со бендот како битбоксер.
Заедно со Џамбо Агушев, „ДНК“ го сними и дуетот „Животе брате“, во кој гостува и Наум Петрески, близок пријател на Андреј Ѓорѓиески. Песната „Ако утре ме нема“ доби награда за хит на годината на „Златна бубамара на популарноста“ во 2023, а „ДНК“ беа наградени за група на годината. За време на настапот, Андреј се симна во публиката и го прегрна Наум Петрески.
Во спотот за „Ако утре ме нема“ гостуваат и актерите Тони Михајловски и Александар Михајловски, пејачите Наум Петрески и Миле Кузмановски, комичарот Васко Тодоров, актерот брат на Андреј, Александар Ѓорѓиески и други.
М. ЏАРОВСКА