Компанијата Boom Supersonic доби дозвола од Федералната управа за авијација (FAA) да го тестира својот суперсоничен авион со брзина поголема од 1 Mach.
Тестовите се планирани за оваа година над пустината Мохаве во Калифорнија, а резултатите би можеле да помогнат да се докаже изводливоста на дизајнот во области како што се потрошувачката на гориво, брзината и карактеристиките на летот.
„По успешниот прв лет на XB-1, со нетрпение го очекувам овој историски суперсоничен лет. Благодарни сме на FAA за поддршката на иновациите и дозволувајќи му на XB-1 да ја продолжи својата улога во обликувањето на иднината на суперсоничното патување“, рече Блејк Шол, основач и извршен директор на Boom.
Одобрувањето на FAA дојде само неколку недели по успешниот субсоничен тест лет на X-B1 од двајца тест пилоти. Претходно беа направени анализи и проценки на влијанието врз животната средина, а исто така е услов еден авион да го придружува XB-1 за да се следи и евидентира безбедноста на летот.
Компанијата има намера да спроведе 10 до 20 летови пред да се обиде да ја надмине границата на брзината на звукот. Целта е да се докаже перформансите и квалитетот на ракување и да се проверат сите системи во лет со цел да се демонстрира безбедна маргина за границите на трепет/вибрации. Тест пилотот Тристан Бранденберг, кој е познат и како Џепето, ќе управува со авионот за време на неговиот прв суперсоничен лет.
Сепак, патничките летови се уште се далеку. XB-1 е намалена верзија на крајната цел на Boom, а тоа е комерцијалниот авион Overture, кој ќе може да прими нешто помалку од 100 патници и да им понуди удобност во бизнис класата. Од компанијата изјавија дека авионот од Токио до Сиетл ќе пристигне за 4 часа и 30 минути.
Boom досега имаше неколку проблеми, плановите за тестирање беа одложени поради прекин на соработката со Rolls-Royce, производителот на мотори. Компанијата подоцна соработуваше со FTT за да развие свој сопствен млазен мотор Symphony. И покрај тешкотиите, нарачките веќе се направени, а меѓу клиентите се American Airlines и United Airlines, кои нарачале повеќе суперсонични авиони.
Американската вселенска агенција НАСА исто така работи на суперсоничен авион X-59 со намален звучен профил, а Boom Supersonic допрва треба да објави детали за тоа како планира да го намали звучниот бум.