Ако размислите малку за вашите деца и за децата на вашите пријатели, познајници или за семејството – може да забележите одреден шаблон: еден брат или сестра секогаш запаѓа во поголеми проблеми од другите. Добиваат опомени на училиште, ги враќаат од камп поради недолично однесување, а вие веќе размислувате дали ќе имаат проблеми со законот како тинејџери… Освен што гледате дека приказната е слична и кај другите – едното дете е проблематично, а сите други сѐ во ред, можеби ќе забележите друга шема.

Имено, во текот на истражувањето се покажало дека редоследот на раѓање може да игра значајна улога во тоа – зошто некои деца имаат поголема стапка на деликвенција од другите. Научниците неодамна ја ревидирале претходната студија и откриле дека второродените деца имаат значително поголема веројатност да западнат во неволја отколку нивните постари или помали браќа и сестри, без оглед на тоа колку е големо семејството.

Како дел од студијата, научниците проучувале илјадници деца од Данска и од Флорида за да откријат дали редоследот на раѓање има некакво влијание врз веројатноста дека детето како малечко или подоцна во животот ќе западне во неволја на училиште, како и во малолетничка деликвенција или криминал. Тие користеле податоци од првите две деца во семејства со две или повеќе деца (браќата и сестрите морале да имаат иста мајка и татко, а близнаците биле исклучени) и се фокусирале на семејства каде што второроденото дете било момче (бидејќи момчињата тинејџери почесто запаѓаат во неволја отколку девојчињата).

Резултатите од истражувањето покажале дека второродените момчиња од студијата почесто се во конфликт со авторитети отколку првородените момчиња. Тенденцијата второродените деца да предизвикуваат проблеми била поизразена кај двајца браќа отколку кога станува збор за сестри. Истражувањето, исто така, тврди дека и покрај многуте разлики меѓу Данска и Флорида, ефектите од редоследот на раѓање се неверојатно слични на двете локации. Па што би можело да ја објасни оваа наводна разлика помеѓу првородените и второродените момчиња? И дали имаат вина нивните родители?

Научниците велат: „Сметаме дека разликите во родителското внимание се можен фактор кој придонесува за разликите во деликвенцијата во зависност од редоследот на раѓање“.

Сè се насочува на фактот дека првородените деца го добиваат целото внимание од нивните родители, додека второродените „им бегаат на родителските радари“ и добро го користат тоа. Научниците шпекулираат и за друг можен фактор. Имено, првороденото дете за пример ги има возрасните – родителите. А вторите, подоцна родени деца, имаат примери кои можат да бидат дури и двегодишници, односно нивните постари браќа и сестри. Се разбира, никој не треба да го приспособува своето однесување на двегодишни деца. Затоа што тоа значи дека ќе почнат да врескаат во продавница ако, на пример, нема од посакуваната виолетова кутија со бисквити, туку има само зелена.

Секако, ова е само една од студиите во која грешките се сосема можни и очекувани.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор



912

X