(ФОТО) 98-годишнa баба во Украина со помош на бастун поминала километри за да стигне на безбедно

98-годишна жена во Украина, во обид да го избегне налетот на руските сили пешачејќи, сопомош на бастун, поминала речиси десет километри сама.

Приказната за нејзиниот подвиг ја објави „Асошиејтед прес“.

Облечена во влечки и со помош на стап, таа успеа повторно да се обедини со своето семејство неколку дена откако беа разделени додека се обидуваа да побегнат на безбедно.

Во услови на интензивно гранатирање откако руските војници влегоа во градот Очеретин во источниот регион Доњецк, Лидија Степанивна и нејзиното семејство минатата недела одлучија дека дојде времето да го напуштат својот дом и да си заминат.

„Се разбудив опкружена со пукање наоколу – беше премногу страшно“, рече Степанивна во видео интервју објавено од Националната полиција на регионот Доњецк.

Во хаосот на заминувањето, Степанива се разделила од синот и двете снаи, меѓу кои и едната Олха Ломиковска, повредена од шрапнели неколку дена претходно.

Помладите членови на семејството тргнаа по неа, но Лидија сакала да се движи по главниот пат.

Со бастун во едната рака, а во другата откршено парче дрво, пензионерката цел ден пешачела без храна и вода за да стигне до украинските линии.

Опишувајќи го своето патување, рече дека паднала двапати и била принудена да застане за да се одмори во некои точки, дури и да спие на патот пред да го продолжи своето патување.

„Еднаш изгубив рамнотежа и паднав во тревата. Заспав … малку, и продолжив да одам. И тогаш, по втор пат, пак, паднав. Но, тогаш станав и си помислив: „Треба да продолжам да одам, полека полека“, раскажа Степанивна.

Павло Диаченко, вршител на должноста портпарол на Националната полиција на Украина во регионот Доњецк, рече дека Степанивна била спасена кога украинските војници ја забележале како оди по патот доцна вечерта. Тие ја предале бабата на „Белите ангели“, полициска група која ги евакуира граѓаните што живеат на фронтот, кои потоа ја однеле во засолниште за евакуирани и контактирале со нејзините роднини.

„Ја преживеав таа војна“, рече таа мислејќи на Втората светска војна. „И јас морав да ја поминам оваа војна и на крајот останав без ништо. Таа војна не беше како оваа. Ја видов таа војна. Ниту една куќа не изгоре. Но сега – сè е во пламен“, му рече таа на својот спасувач.

Во најновиот пресврт на приказната, главниот извршен директор на една од најголемите банки во Украина на својот канал Телеграм во вторникот објави дека банката ќе купи куќа за пензионерката.

„Монобанк ќе и купи куќа на Лидија Степанивна и таа сигурно ќе живее во неа до моментот кога оваа гнасотија ќе исчезне од нашата земја“, рече Олех Хороховски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот