Струга го одби завршниот налет на Куманово за прв триумф во плеј-аутот

Ракометарите на Струга го совладаа Куманово во натпреварот од второто коло во плеј-аутот на македонската Суперлига со 26-24. Гостите не се предадоа до самиот крај и внесоа голема драма во завршната минута, но сепак стружани останаа фокусирани и ги освоија бодовите. 

  • Комплетниот натпревар помеѓу Струга и Куманово: 

Првото полувреме мина во знакот на израмнета игра, ниту една од екипите немаше поголемо водство од два гола разлика, а на паузата гостите заминаа со минимална предност (14-15). 

Слично започнаа и вторите триесет минути, ривалите беа во егал во стартниот период, a во ист стил се играше и во продолжение. Ниту еден тим не успеа да создаде поголема позитива, а бевме сведоци и на прилично неефикасна игра на обете страни. По тајм-аутот домаќинот заигра малку подобро и поведе со 21-19 во 46. минута, а потоа поведе и со пет гола разлика, но Куманово со одличен налет постигна четири гола во низа и намали на гол негатива на деведесет секунди до крајот. Имаа гостите и напад за израмнување, но ја подарија топката со техничка грешка, по што Струга успеа да слави со конечни 26-24. 

Стружани ја впишаа првата победа во плеј-аутот, а Куманово го забележа првиот неуспех во разигрувањето. Најдобар поединец кај победниците беше Лазар Ристиќ со осум гола, додека во тимот на Куманово пет погодоци постигна Давид Димевски.