Шефот на Alfa Romeo, Жан-Филип Импарато, тврди дека претстојниот суперавтомобил на компанијата е речиси распродаден и покрај фактот што раководството сè уште официјално не го одобрило, ниту пак е откриено како ќе изгледа

Зборувајќи за магазинот Аutocar, Импарато вели дека Stellantis допрва треба да го потпише проектот и да го официјализира, но Alfa веќе добила депозити од купувачите кои не сакаат да ја пропуштат можноста да станат сопственици на италијански спортски автомобил. Овој модел е познат под ознаката 6C и е речиси распродаден иако би требало да биде претставен дури ова лето. Меѓутоа дотогаш, сите слотови ќе бидат завземени.

Што се однесува до дизајнот, шефот на Alfa не сака да открива детали, освен дека ќе биде поврзан со „ДНК на марката“. Затоа, може да се очекува автомобил со одредени ретро детали. Модерна верзија на познатите модели TZ2 и 33 Stradale би била токму она што го сакаат купувачите со „длабок џеб“.

„Работиме на нешто што би можело да го остави настрана 8C во музејот Арезе и нешто со што би можеле да се гордееме како придонес во историјата на Alfa Romeo. Тоа е она што го сакаме“, додава Импарато.

Stellantis инвестира многу во електрификација, па дури и брендовите како Dodge се принудени да го напуштат V8 моторот и да се префрлат на поеколошки погон. Сепак, Италијанците веројатно не се подготвени да се откажат од моторот со внатрешно согорување, па 6C би можел да биде последниот модел на Alfa со конвенционален погон. Изјавите на Импарато ја поддржуваат оваа идеја.

Нема да биде изненадување ако новиот модел добие електрифицирана верзија на 690T 3.0-литарски твин-турбо V6, кој е погон и во Giulia Quadrifoglio.

Историски гледано, номенклатурата на спортските автомобили на Alfa се базира на бројот на цилиндрите, а тоа важи и за моделите 6C, 8C и 4C.

Сегментот во кој ќе се најде 6C е исто така мистерија, но јасно е дека тоа нема да биде „играчка за патека“. Импарато ветува „цивилно ниво“, кое на сопствениците ќе им овозможи да го возат автомобилот на дневна основа.

Со цел да се обезбеди ексклузивност, производството ќе биде ограничено на одреден број примероци.