Ангелов: Каналите на комуникација меѓу двете земји не се затворени

Моето враќање во Македонија ќе биде со проценка од надлежните институции во Бугарија - мора да се врати довербата што беше изгубена - ова го изјави бугарскиот амбасадор во Скопје Ангел Ангелов за Бугарската национална телевизија.

За случајот „Пендиков“ рече дека се чека вистинската истрага на Обвинителството во Охрид.

Амбасадорот оцени дека каналите на комуникација меѓу двете земји не се затворени, напротив, рече оти тие остануваат отворени, како на ниво на амбасадори, така и на ниво на министри, премиери и претседатели.

Ако има некаков список за забрана за влез во Македонија на некои бугарски политичари, меѓу кои и европратеник, како што најави претседателот Стево Пендаровски по седницата на Советот за безбедност, Ангелов рече дека бугарските институции ќе ги преземат неопходните дејствија или во најмала рака ќе го вербализираат тоа.

На прашањето – дали ќе се смират страстите ако се сменат имињата на бугарските клубови, Ангелов одговори дека тие клубови не ги отвориле тие како држава туку Бугарите од Охрид.