СДСМ: Наместо извинување и осуда, ВМРО-ДПМНЕ ги брани осудените насилници за „крвавиот четврток“
Македонија денеска одбележува седум години од драматичните настани, тензии и насилства кои се случија на 27 април 2017 година, познат како „крвавиот четврток“, кога поголема група протестирачи упаднаа во Собранието, а беа физички повредени пратеници и новинари, соопшти СДСМ.
-Ова е најцрниот датум во историјата на македонската демократија, 27 април е крвавиот печат на ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ поттикна вооружени насилници да упаднат во Собранието обидувајќи се да убијат пратеници, да повредат новинари и вработени во собраниските служби, да го урнат уставниот поредок и да предизвикаат и граѓанска војна. Денес, тие насилници кои беа придружувани и од самиот Христијан Мицкоски пред македонското Собрание, ВМРО-ДПМНЕ ги нарекува уставобранители, дури бараше и нивна амнестија, што само покажува дека ништо не е сменето во ВМРО-ДПМНЕ – велат од СДСМ.
Според владејачката партија, ништо не е сменето во ВМРО-ДПМНЕ, тоа е истата партија која сака одново да гази врз слободата, врз демократијата, да се пресметува со неистомисленици, да шири омраза и поделба меѓу граѓаните.
-СДСМ, заедно со граѓаните нема да дозволи да се заборави 27 април, нема да дозволи никогаш да се повтори.Со глас за СДСМ и Коалицијата на 8 мај граѓаните гласаат за слобода, демократија и европски вредности – велат од партијата.