ДЗР ги повика партиите да поднесат извештај со отчет за трошењето на јавните пари
Пари бараат, отчет не даваат. Дел од политичките партии во Македонија ја игнорираат законската обврска да пријават како ги трошат јавните пари. Државниот завод за ревизија ги предупреди - без документација, следува суспензија на буџетските финасии.
Ваквата неажурност го нарушува кредибилитетот на државата пред јавноста и меѓународните партнери, истаквуваат ревизорите во своето соопштение.
„Во интерес на обезбедување законитост, транспарентност и отчетност спрема граѓаните на Република Северна Македонија за трошењето на средствата обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија за финансирање на активностите од редовното работење на политичките партии регистрирани во земјата, укажуваме на потребата од навремено исполнување на обврските за редовно годишно финансиско известување од страна на сите политички партии“.
Во соопштението, се вели дека извештаите за донации, годишните сметки и финансиски прегледи не се доставени кај дел од партиите што, според ДЗР, значи директно кршење на законот и удар врз транспарентноста во трошењето на јавните пари. Од Заводот потсетуваат дека според Законот за финансирање на партии - министерот за правда може да ја прекине исплатата на парите за редовно финансирање.
„Со недоставување на финансиските извештаи се влијае негативно на степенот на отчетност, транспарентност и јавност во трошењето на јавните средства обезбедени од Буџетот од страна на политичките партии и се нарушува угледот на Република Северна Македонија пред мониторинг телата на Европската Унија и меѓународната заедница во целина.“
Согласно важечкиот Закон за финансирање на политички партии, државниот буџет секоја година обезбедува средства за сите политички субјекти што освоиле најмалку еден процент на избори. Без разлика дали имаат мандати или не, парите им следуваат четири години што во пракса овозможува финансирање и на партии кои добиле само стотина гласови. Системот не прави разлика меѓу реален политички капацитет и техничко исполнување на изборен праг.