На детето во утробата

26.01.2024 20:38

Ќе бидеш ли некогаш толку среќно
како што си сега, во љубовта на моето тело?

Ниедна љубов веќе нема така
да те проникне во целост,
ниту крвта своја ќе ја делиш со некого како сега со мене.

Во секоја човечка прегратка
и не знаејќи ќе се сеќаваш како овде си лежел
прелевајќи се од себе во мене
како зора во ден -
о не надевај се дека ќе го заборавиш времево,
единственото време кога не си било само.

Што тогаш те гони во суровата светлина на свеста?
Од целината на своето битие ќе бидеш изрежано парче.
Од куглата на видот само еден поглед,
од небото, само една ѕвезда.

Беспомошно ти растеш,
беспомошно јас стареам:
истата слепа желба тебе те тера во денската светлина
која и мене ме придвижи во мракот на твоето зачнување.

Залудно градев брана на таа река:
ти си водата која наиде и ме однесе со себе.
Против тебе нема лек оти си буица
која од мене самата извира -
о залудно градев брана на таа река.

Превод: П. В.

Весна Крмпотиќ (1932-2018) - хрватска писателка и преведувачка. Дипломирала англиски јазик и психологија на Универзитетот во Загреб, а студирала бенгалски во Њу Делхи, Индија. Напишала над 70 книги.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото