30 години „Маргина“

29.03.2024 02:33
30 години „Маргина“

Овој месец се навршуваат три децении од објавувањето на првиот број на „Маргина“. Добро се сеќавам, годината беше 1994, во некогашната заедничка држава војната сè уште не го имаше достигнато деструктивниот врв, а во „оазата на мирот“ се појави часописот за сурфање по рабови, како повик кон збунетите млади луѓе кои бараа поинакво мислење од она што секојдневно се сервираше во вестите на телевизиските канали. „Маргина“ одигра значајна улога во првата декада од осамостојувањето на државата нудејќи лепеза од теми релевантни во моментот, чие ехо го чувствуваме и ден-денес, но во сосема поинаква форма. Во текстот ќе се обидам да се потсетам на одредени моменти како дел од редакцијата на „Маргина“, на тој начин чествувајќи го тридецениското постоење на часописот кој најпрво „сурфаше по рабовите“, а потоа орбитираше како списание за „ширење на децентралистичка култура“. Подгответе се за субјективен времеплов низ шаренилото од светови кои ги нудеше „Маргина“ на читателите, сами создавајќи ја сликата за значењето на овој проект.

Првиот број на „Маргина“ го купив на „Рекорд“ на едно импровизирано штандче. Изгледаше навистина мистично со таа црна боја која доминираше на корицата, а врз неа содржината на она што можеше да се прочита на страниците внатре. Со ракописот на мистериозниот американски писател Томас Пичнон за прв пат се сретнав токму таму, како и со онoj на Жак Дерида, кој ми предизвикуваше вистинска вртоглавица. Тематите за „Феминизмот и книжевноста“ и „Иднината на читањето“ беa опфатени од различни аспекти претставени преку мислењата на неколку автори, додека текстот за актуелниот музички правец „Гранџ“ кој љубевме да го слушаме, беше вистински актуелен погодок во срцето: да се прочита нешто поразлично од понудата во музичките магазини кои доаѓаа од соседството. Најважна рубрика од која посакав да бидам дел беше „Локална сцена“, каде беа претставени четири нови гласови од домашна книжевна провиниенција.

Таа желба ми се оствари веќе во седмиот број. Дизајнот на претходните шест (дво)броја остана истиот, со темната боја која вшмукува, слично како песните на Џој дивижн, а содржините и застапените автори беа јасно видливи на самите насловни страници: од прозата на дисидентот Набоков, преку легендарниот графички роман „Маус“ на Арт Спигелман, добитник на „Пулицер“ во 1992 година, па сè до вештачката интелигенција и киберпанкот.

Во последната рубрика од богатото тематско издание излезено во септември 1994 година, во рамките на рубриката „Локална сцена“ се случи и мојата прва официјална книжевна објава. Неколкуте песни и пар раскази беа најавени како „Пластична поезија“ на Игор А., и од оваа перспектива, повторно препрочитувајќи ги, ми се допаднаа само две од нив, кои сметам дека го издржале тестот на времето. Еве ја првата песна во оригинал, на страниците на „Маргина“ бр. 7:

На можните зен последици од читањето на оваа песна напишана од млад и зелен 20-годишник, ќе направам контратежа со песната која носи сосема поинакви чувства, но малку едитирана, затоа што отсекогаш сум ја памтел како таква, и баш се изненадив кога видов дека тие два стиха недостасуваат во оригиналот. Истите се обележани со заграда:

Цел

Се стремев да стигнам
до Совршеното.
Го најдов само
големото Ништо.
(Ништо,
ти си совршено Чисто).
Ништо – ти си совршено
наполнет Пиштол.

Прилично гранџерски, нема што! Во духот на времето

Пред да го продолжам времепловот со потсетување на наредните објавени броеви на „Маргина“, да напоменам дека паралелно со нив, издавачката куќа „Темплум“ ни приредуваше и совршени книжевни изненадувања со книгичките на чии страници можеа да се читаат ракописите на големини како Ерофеев, Хармс, Набоков… но и автори сосема непознати за нашата средина, сместени во едно вредно книже насловено „Руска алтернативна проза“.

Незаборавни се и џепните изданија со расказите на Хулио Кортасар и монументалниот текст на омилениот Франц Кафка насловен „Мили татко“. Ведрата страна на животот беше претставена во книгичките „Марфиев закон“ и „Галерија на откачената страна“ со карикатурите на мрднатиот Гери Ларсон.

По дебито на страниците на „Маргина“, логично беше да се продолжи понатаму и како соработник на часописот. Следните два броја излегоа од „темната“ дизајн-зона и добија жолтеникав сјај како на кориците, така и во содржинска смисла. Првиот приреден темат се случи во десеттиот (мал, јубилеен) број, во кој заедно со Нора Палмер (Елеонора Стојановиќ) ги уредивме текстовите за поп-арт гуруто Енди Ворхол, серијал кој продолжи и во наредните неколку броја.

Сепак, особен придонес во овој број од аспект на возбудливоста на приредената тема беше текстот за Џон Кејџ, авангардниот композитор чие поимање и пристап кон музиката е едно од најавтентичните во минатиот, 20 век.

Следниот двоброј од јануари-февруари 1995 година, покрај споменатите темати за Ворхол и Кејџ, содржински започнува со текстовите посветени на Вилијам Бароуз, чиј роман „Гол ручек“ за многумина беше вистинска лектира во младешките години во нашиот град. Низ фрагменти од романот, текстови за неговото дело и интервју со самиот Бароуз, воведниот темат во „Маргина“ 11-12 беше навистина предизвик за читање.

Следниот двоброј беше прилично атрактивен за реализација. Главна тема беше „Виртуелната реалност“, а корицата содржеше едно прозорче зад кое блескаа сребрените VR букви. Спецификите на ова издание беа тие што секој број беше приказна за себе, затоа што по печатењето на тиражот, една или повеќе вечери во редакцијата на часописот, сите дадоа свој придонес кон различноста на секој примерок, додавајќи разни колажни нешта и пораки кои ги збогатуваа страниците на таа „постмодерна Маргина“. Во овој број подготвив уште еден особено драг темат, за мојот омилен филмски режисер Џим Џармуш, со детален преглед на неговите дотогашни остварувања.

Следните броеви на „Маргина“ го ширеа својот дизајнерски светоглед, но и тематски, секако. По Бароуз на ред дојде и Тимоти Лири, случувањата во славната „Фабрика“ на Ворхол и понатаму се тркалаа на страниците на часописот, во игра влезе и Јозеф Бојс, а виртуелната стварност како темат продолжи да ја скокотка фантазијата на читателите.

Вистинска радост беше да се прочита и преводот на сајбер-панк расказот „Џони Мнемоник“ од Вилијам Гибсон, чија екранизација во моментот можевме да ја гледаме на сребрениот кино екран.

За мене особено возбудливо беше приредувањето на тематот за австрискиот авангарден уметник Фриденсрајх Хундертвасер, волшебникот во чии визии за хармонијата меѓу човекот и природата може да уживаме и во денешно време.

И така дојдовме до седмата уметност, која редовно беше застапена во „Маргина“. Во следните броеви, покрај останатите возбудливи автори чии текстови беа дел од содржините на часописот, почна да тече и серијалот за најголемиот филмски автор во 20 век, Алфред Хичкок. Беше интересно да се приреди тематот сопоставувајќи ги мислењата на авторите во однос на Хичкоковата уметност, која по неговата смрт се’ уште предизвикуваше заслужен интерес, како наследство кое и во иднина треба да се открива и истражува.

Жижек за Хичкок, Трифо за Хичкок, интервјуата на Питер Богданович со филмскиот маг… во недостаток на информации од интернет мрежата, тоа беа значајни текстови кои ги претставуваа размислувањата на самиот Хичкок, но и на Другите за него, прикажувајќи ја неговата несомнена големина во седмата уметност.

Инаку, задржувајќи се уште малку на темата „филм“, во овие неколку броеви на „Маргина“ се појавија и пет филмски додатоци кои информативно ја „чешлаа“ историјата на седмата уметност, правејќи преглед на најдобрите остварувања по декади. Тоа беше празник за вистинските филмски сладокусци, мала незаборавна филмска лектира.

Уште еден значаен број на „Маргина“ за мене е тробројот 23-25 од февруари-март 1996 година. Следејќи ја вибрантната македонска музичка сцена поддржана од „Стотројка“, со Нора направивме темат за локалните музички херои. Секое од трите интервјуа беше засебна, незаборавна, партизанска приказна.

Тематот „Алтернатива“ го отвора интервјуто со Доријан и Зоки, тогашни перјаници на новата музичка куќа „Нашински звук“, која издаде носачи на звук зад кои стоеја неколку потентни и актуелни скопски бендови. Студиото се наоѓаше во Драчево, и беше возбудливо со автобусот 41 да се трускаш до скопската населба, правејќи скокче на мостот пред влезот во населбата, и потоа така, додека се’ уште ти вибрираат цревата во стомакот, да влезеш во една сосема поинаква, пријатна музичка димензија каде се создаваше возбудлива, наша музика.

Следниот разговор беше со луѓето кои во моментот го имаа најпевливиот рефрен на македонската алтернативна сцена. Со Шиљо и Јанко од „Балкан експрес“ правевме интервју во чајџилницата „САМ“ во старата скопска чаршија, каде најчесто дремевме во тој период од 90-те. За жал, вокалистката Жане имала обврски и не се појави на средбата. Сепак, „Ајде да летаме“ остана да вибрира во воздухот меѓу нас.

И на крајот, за заокружување на тематот, со еден од момците од бендот „Scar wash“ интервјуто на касетен диктафон го правевме во мојата Лада на паркингот пред „Гранд хотел“. Лудило!

Со овој темат ја заокружив мојата сорботка со „Маргина“, полека влегувајќи во радио водите, набргу станувајќи дел од музичкото радио “Канал 103“. „Маргина“ продолжи со најпровокативната насловна страница во нејзината историја, благодарение на делото на Александар Станковски, чија уметност ќе продолжи да доминира и во следните изданија на списанието.

 

Кога веќе го споменуваме Станковски, веројатно е време да се потсетиме и на стрип магазинот „Лифт“, кој исто така во 90-те понуди актуелен преглед на алтернативниот светски стрип изимксан со случувањата на домашната стрип сцена, на крајот завршувајќи со една патувачка изложба во неколу града низ Македонија.

Последниот контакт со „Маргина“ беше на забавата по повод 50-иот број на списанието, во штотуку отворениот клуб „Бастион“ во Дебар маало, каде претходните и актуелните членови на редакцијата уживаа во убавата дружба.

Секако, во годините потоа продолжив да ја следам „Маргина“ поради секогаш провокативните содржини кои ги нудеше. Во последнава декада „Маргина“ излегува еднаш годишно во печатена форма, вообичаено како тематски број. Би ги издвоил броевите посветени на скопскиот земјотрес во 1963 година, со прекрасни архивски фотографии, како и оној за те-ве херојот доктор Хаус, чија генијлност е доловена од различни аспекти.

Гледајќи ја домашната колекција, заклучив дека ми фалат само 13 броеви. Се надевам дека тие што ми недостасуваат се’ уште постојат, и дека еден ден колекцијата ќе биде комплетирана.

И на крајот, да не заборавам дека генерално сите текстови кои ги приредував за „Маргина“ беа проследени од домашниот до редакцискиот компјутер на легендарниот три ипол инчен флопи диск, како сеќавање на едно ентузијастичко време кое буди убави сеќавања. Само, не сум сигурен дали се работи за истата дискета која часописот ја делеше како подарок уште во третиот број. Nevermind. Честито тридецениски јубилеј, многу ми е драго што бев дел од оваа приказна.

Извор: https://herojnaedenden.mk/

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото