Рубрика: Архитектура и градежништво
50 години сиднејска опера
Автор: Димац Митковски
Објавено на 24.10.2023 - 11:45

На 20 октомври 2023 година се навршија точно 50 години од официјалното отворање на Операта во Сиднеј - Австралија. Честа да ја прогласи за отворена ѝ припаднала на кралицата Елизабета Втора, (воедно кралица и на Австралија) на 20 октомври 1973 година. Отворањето, проследено со огномет и изведбата на Деветтата симфонија на Бетовен, беше директно пренесувано од медиумите.

Сиднејската Опера е една од најфасцинантните градби на современата архитектура, внесена на листата на светско наследство на УНЕСКО од 2007 година и една од најфотографираните згради во светот. Зградата заедно со околината е еден од препознатливите симболи на Австралија.

Слика 1: Поглед на Сиднејската Опера од западната страна

Објектот кој е поставен на монументален подиум (слика 1) се одликува со модерен експресионистички дизајн, со серија од 2.194 однапред излеани бетонски делови, кои тежат до 15 тони секој.за да ги формираат „ школките“. Секоја од нив составена од делови на сфера со радиус од 75,2 метри ги формираат покривите на конструкцијата. Зградата зафаќа 1,8 хектари, долга е 183 метри и широка 120 метри во најшироката точка. Објектот го носат 588 бетонски столбови вкопани дури 25 метри под нивото на морето. Највисоката точка на покривот е 67 метри над морето што е еднаква висина како онаа на зграда од 22 ката. Иако ,,школките“ изгледаат подеднакво бели од далечина, тие всушност имаат суптилен модел составен од 1.056.006 плочки во две бои: сјајно бело и мат крем. Плочките биле произведени од шведската компанија Höganäs AB. Освен плочките од ,,школките'' и стаклените завеси на фоајето, надворешноста на зградата е главно обложена со панели составени од розов гранит. Подиумот е опкружен со отворени јавни простори, а големиот преден двор поплочен со камен и соседните монументални скали редовно се користат како простори за изведба.

Слика 2:  Концертната сала со капацитет од 2.679 седишта и прекрасна оргуља со повеќе од десет илјади цевки

          Операта во Сиднеј вклучува голем број места за изведба:

  • Концертна сала со капацитет од 2.679 седишта и прекрасна оргуља со повеќе од десет илјади цевки е дом на Сиднејскиот симфониски оркестар и користен од голем број други концертни презентери (слика 2)
  • Оперската сала Џоан Сатерленд (Joan Sutherland), именувана од 2012 година  по славната сопранистка на Австралија, со капацитет од 1.507 седишта е главното место за изведби и концерти, домот на Операта на Австралија и Австралискиот балет во Сиднеј. (слика 3)

Слика 3:  Оперската сала Џоан Сатерленд (Joan Sutherland) со капацитет од 1.547 седишта

  • Драмскиот театар театар со 544 седишта, кој го користи Сиднејската театарска компанија и други танцови и театарски презентери
  • Студио : Флексибилен простор со 280 постојани седишта (од кои некои може да се преклопат) и максимален капацитет од 400, во зависност од конфигурацијата на седиштата (слика 4)

Слика 4: Студио со 318 седишта

  • Игротека: Театар со 398 седишта. 
  • Соба на Utzon (Utzon Room): Мало повеќенаменско место за забави,и мали продукции (како што се изведби на камерна музика).
  • Студио за снимање
  • Преден терен на отворено: Флексибилно место за одржување настани на отворено со широк опсег на опции за конфигурација, вклучително и можност за користење на монументалните скали како места за публика.
  • Други простори (на пример северното и западното фоаје) исто така повремено се користат за изведби, конференции, церемонии и социјални функции.
  • Сервисни простори како на пример четири ресторани, шест барови и бројни продавници за сувенири.

Историјата на Операта во Сиднеј започнува со Јуџин Госенс ( Eugene Goossens), директор на Државниот музички конзерваториум на Нов Јужен Велс. Тој сакал Сиднеј да има соодветно место за големи театарски продукции. Почнал да планира и да лобира за тоа кон крајот на 1940-тите, а до 1954 година ја имал и поддршката од премиерот на Нов Јужен Велс Џозеф Кејхил ( Joseph Cahill). Меѓународен конкурс за проектирање на оваа зграда бил објавен на 13 септември 1955 година, а од  пријавени 233 проекти победник бил данскиот архитект Јорн Утзон (Jørn Utzon) (слика 5). За овој проект во 2003 година Утзон ќе ја добие наградата за архитектура Прицкер (Pritzker Prize), највисоката чест на архитектурата. Цитатот на Прицкеровата награда гласел: ,,Несомнено е дека операта во Сиднеј е неговото ремек дело. Тоа е една од најголемите градби икони на 20 век, слика со голема убавина која стана позната низ целиот свет - симбол не само за еден град, туку и за цела земја и континент,,. Утзон го посетил Сиднеј во 1957 година за да помогне во надзорот на проектот. Изградбата на објектот започнала во март 1959 година и била завршена во 1973 година. Првичната проценка на трошоците била 7 милиони долари,а вкупната цена на операта достигнала 102 милиони долари.

Слика 5: Во доцните деведесетти години од минатиот век, Фондацијата на Сиднејската опера почнала да комуницира со Јорн Утзон во обид да предизвика помирување меѓу двете страни и да обезбеди негово учество во понатамошните промени на Операта 

Операта се наоѓа на местото Бенелонг (Bennelong), во пристаништето Џексон во Сиднеј, сместена во близина на Сиднејскиот пристанишен мост. Местото каде што денес стои операта некогаш било место каде имало утврдување кое било и складиште (слика 6). По конкурсот во 1957 година и рушењето на магацинот во 1958 година, изградбата започнала во март 1959 година. Објектот е изграден во четири фази: фаза I (1957-1959) планови за објектот; фаза II (1959–1963) се состоела од изградба на подиумот; фаза III (1963–1967) изградба на надворешните обвивки; фаза IV (1967–1973) внатрешен дизајн и конструкција.

Слика 6:  Операта се наоѓа на местото Бенелонг (Bennelong), во пристаништето Џексон во Сиднеј, сместена во близина на Сиднејскиот пристанишен мост. Местото каде што денес стои операта некогаш било место каде имало утврдување кое било и складиште

Во текот на долгата градба се појавувале најразлични проблеми. До 23 јануари 1961 година, работата доцнела 47 недели, главно поради неочекувани временски услови, неочекувани тешкотии при пренасочување на атмосферските води, изградбата што започнала пред да се подготват соодветните градежни цртежи, промени во оригиналните договорни документи, столбовите на подиумот не биле доволно цврсти за да ја поддржат конструкцијата на покривот и морале повторно да се изградат, начинот како да се изградат ,,школките'' и на крајот оставката на  главниот архитект Јорн Утзон и неговото заминување од Сиднеј во 1966 година. Надворешноста била завршена според идеите на Утзон, но внатрешноста не била. Настанале значајни промени во првичниот дизајн на ентериерот на Утзон. Сепак некако на 20 октомври 1973 година објектот бил финализиран и пуштен во работа со многукратно зголемување на планираните трошоци.

На сите им се допаѓал објектот но не секој го сакал начинот на кој звучи, особено во нејзиното најголемо место, Концертната сала, дом на Симфонискиот оркестар на Сиднеј. Некои чувствувале дека на акустиката во Концертната сала и недостасува моќ. Многумина мислеле дека звукот е различен во зависност од тоа каде се наоѓате во салата. Се спомнувало дека салата е едноставно преголема и нејзиниот таван е превисок. Музичарите се жалеле дека не се слушаат меѓу себе.

По низа години работа од официјалното отворање во 1973 година Сиднејската Опера била затворена за работa во февруари 2020 година. Објектот бил подложен на обемни реновирања за да се подобрат акустичните перформанси и пристапноста за лицата со намалена подвижност и да се надградат системите на сцената. Ова бил најголемиот и последен проект во ,Деценијата на реставрација на Операта'', 10-годишна програма за реновирање во вкупна вредност од речиси 300 милиони американски долари пред јубилејната 50-годишнина во 2023 година. Подобрувањето на акустиката во Концертната сала бил критичен дел од обновувањето. Клучен предизвик бил да се спречи исчезнувањето на звукот во празнината над сцената што им отежнувало на изведувачите правилно да се слушаат.

Симфонискиот оркестар на Сиднеј имал проба на обновената сцена на Концертната сала пред нејзиното повторно отворање, јули 2022 година. Со укинувањето на ограничувањата за COVID-19, Операта спремна ја пречекува публиката за низа изведби и искуства. „Уметниците и публиката се подготвени да искусат акустика од светска класа на место кое е подостапно, побезбедно и подобро опремено за да ја претстави целата широчина на изведбата на 21-от век“, ќе изјави извршниот директор на Операта во Сиднеј, Луиз Херон.

Клучни зборови: