Кога се разведувате, а имате деца, работите можат да бидат многу комплицирани. Во зависност од возраста и личноста, вашите деца може да се преправаат, да молчат, вербално да протестираат, да се уназадуваат или да се затворат во себе поради огромната промена што ја носи разводот во семејството.

Почесто се случува детето да го истура најголемиот дел од своите фрустрации врз еден од родителите, или како што сакам да го наречам, „безбедниот родител“.

Детето избира еден родител кон кој ги ослободува емоциите или изразува чувствата за ситуацијата. Тоа не значи дека детето не го сака другиот родител. Наместо тоа, детето одлучува дека едниот родител е побезбеден за комуникација отколку другиот. Ова се 6 сурови вистини за тоа како е да се биде тој „безбеден родител“ при развод:

Се претворате во „отпад“ за секоја емоција

Доволно е тешко да ги обработите сопствените емоции при разводот, но кога сте безбедниот родител, жонглирате со емоциите за двајца – оние на вашето дете и вашите. Се разбира, чувствата на вашето дете се на прво место. Колку и да е тешко, мора да останете силни кога сте со вашите деца и да им помогнете прво да ја пребродат својата борба со ситуацијата.

Безбедниот родител е канта за отпад што го собира целиот стрес, тага и гнев од детето на кое му е тешко. Мојата ќерка ме избра мене да бидам безбеден родител, па ова значи дека кога е лута, тажна или загрижена, ми приоѓа и ми се доверува. Секако, таа одвреме-навреме „глуми“ со нејзиниот татко, но во најголем дел секогаш сум тоа јас.

Мене ме удираше, ме избегнуваше и игнорираше кога се чувствуваше лута поради нашиот развод. Се разделивме кога таа имаше три години, во текот на пролетта. Тоа лето таа ме изгреба на окото при излив на бес и повредата беше видлива на моето лице повеќе од една недела.

Откако сфати дека навистина ме повреди, се чувствуваше ужасно, особено затоа што гребеницата беше многу видлива. Гледањето во мене ја потсетуваше на она што го направи.

Вашето дете ве користи како исповедник

Моето дете ми ги признава своите вистински чувства:

„Посакувам тројцата да бидеме заедно“.

„Разводот е за никаде. Ми недостига тато“.

Јас сум личноста на која таа ѝ се обраќа за нејзините чувства, желби и тага. На еден начин, тешко е да се слушне целата нејзина болка. Времето ќе го подобри сето тоа, но секогаш ќе има дел од неа што ќе сака нејзиното семејство да биде заедно… и не можам да ја обвинам за тоа.

Од друга страна, се чувствувам благословена и среќна. Не само што мојата четиригодишна ќерка успешно доловува како се чувствува, туку и ме благословува со честа да ги слушнам нејзините најискрени мисли.

Кој е поголем знак на љубов од дарот на довербата – да се биде чувар на нечии мисли? Нема поголем знак. Колку и да е болно да ги носите тагите на вашето дете, безбедните родители знаат дека тоа е – вистинска привилегија.

Постојано сте жртва на играта за обвинување

Понекогаш детето ве прави безбеден родител затоа што му треба некој на кој ќе му ја префрли вината. На малите деца им е тешко да сфатат зошто на двајца возрасни кои некогаш се сакале не може да им успее врската.

Најверојатно вашето дете мисли дека вие сте тој што може да ја издржи неговата фрустрација и покрај тоа да го сакате исто. Или, можеби знае дека ќе ја сфатите посериозно неговата игра за обвинување.

Мојата ќерка неодамна наполни четири години и никогаш не ни префрли вина на ниту еден од нас, но таа секогаш прво ме кодошеше пред нејзиниот татко. Благодарение на терапијата, нејзиниот терапевт и јас препознавме дека преку мене опстануваат многуте спомени од нашето поранешно целосно семејство, бидејќи јас и ќерка ми живеевме во брачниот дом, во текот на процесот на разделување и развод, во времетраење од повеќе од една година, па досега.

Секојпат кога ќерка ми беше со мене во нашата стара куќа, двете живеевме со духот на мојот поранешен сопруг – нејзиниот татко – и нашиот стар семеен живот. Беше болно да се биде меѓу тие спомени, а таа почна да ги поврзува тие болни спомени со тоа што беше околу мене, што значеше дека јас впив дел од вината во нејзиниот ум. Од друга страна, во очите на ќерка ми, нејзиниот татко ја напуштил нашата брачна куќа, па до одреден степен нашето дете се чувствуваше како татко ѝ да „напуштил“, што тоа не беше случај.

Без разлика каква улога сте одиграле во вашиот развод, секој родител чувствува огромно чувство на тага и одговорност за чувствата на неговото дете/деца (освен ако лицето е мртов родител).

Фокусот на вашето дете е директно насочен кон вас

Кога сте безбеден родител, вашето дете честопати ќе се занимава со сè што правите и можеби ќе биде многу критички настроено кон вас (повеќе отколку кога вие и бившиот сте биле во брак), не затоа што мисли дека сте лоши личности, туку затоа што вашето дете погрешно го истура гневот од ситуацијата врз вас.

Се прашувате зошто јас?

Зошто сте вие „среќниот“ родител кој беше избран за оваа улога? Тоа може да се случува од различни причини. Мајките се често безбедниот родител, но не секогаш. Верувам дека ќерка ми ме избра мене затоа што сум почувствителна од нејзиниот татко и таа чувствува дека може да извлече повеќе од сето тоа. Дополнително, јас сум многу зборлива личност, за разлика од мојот поранешен сопруг.

Не е невообичаено да мисли дека ѝ е поудобно да ми ги открива своите чувства бидејќи јас сум многу отворена личност.

Знаете дека вашето дете секогаш ќе се чувствува безбедно со вас, без разлика како ќе постапи

Многу е тешко да ја повлечете тежината на безбедната родителска улога, како и да ја надминете сопствената тага и чувствата поради вашиот завршен брак. Тоа што вие сте безбедниот родител често може да ви предизвика чувство на казна.

Може да се чувствувате како да ве ставиле во оган поради разводот. Сепак, да се биде безбеден родител, исто така, доаѓа и со посебна привилегија што често се занемарува. Вашето дете се чувствува безбедно со вас и тоа кажува многу за неговиот однос и приврзаноста кон вас како родител. Затоа, колку и да е тешко, признајте ја таа привилегија и продолжете да одите напред.

Во одреден момент ситуацијата мора да се подобри и сите во семејството – и децата и родителите – ќе заздрават.

Автор: Лаура Лифшиц

Извор



912

X