Совршенството е досадно. Му недостига боја, грешки и сите оние работи што нè прават луѓе.

Иако понекогаш е во ред да се стремите кон совршенство, сепак, да го живеете животот како перфекционист прави повеќе штета отколку добро.

Едно истражување покажало дека кога станува збор за совршенството, оние што мора да успеат по секоја цена, на крајот губат. Некои наоди за перфекционизмот биле објавени во „Review of General Psychology“ и се застрашувачки.

Всушност, станува јасно дека огромната потреба да се биде совршен цело време може да придонесе кон самоубиство. Истражувањата покажале дека кога преживеаните најблиски на оние што се самоубиле биле замолени да го опишат починатиот, повеќе од половината ги нарекле тие луѓе „перфекционисти“. Овие луѓе попуштиле под силните притисоци што самите си ги наметнувале за да успеат и да бидат подобри од другите, а трагедиите можеле да се спречат.

Кога ги гледаме најуспешните луѓе во светот, тие се далеку од совршени.

Истражувањата потврдиле дека успешните луѓе во кое било поле имаат помала веројатност да бидат перфекционисти, бидејќи анксиозноста од правењето грешки е пречка, објаснил психологот Томас С. Гринспон.

„Да чекам хирургот да биде апсолутно сигурен дека е донесена правилната одлука, може да значи дека ќе искрвавам до смрт“.

Верувањето дека никогаш нема да бидеме доволно добри или дека постојано редиме неуспеси е многу поштетно за нашиот дух отколку што тоа го сфаќаат повеќето луѓе, бидејќи потребата да се биде најдобар е многу поголема од потребното сочувство и попустливост што треба да си ги дадеме за да земеме здив од претераното и постојано тежнеење кон нешто.

Ова не значи дека целите и амбициите треба да се стават под тепих, туку треба да се дозволи простор и за грешка – само преку грешките луѓето можат да растат и учат.

Студиите покажале дека родителите-перфекционисти можат да го пренесат перфекционизмот на своите деца. Не само што имаат повисоки стандарди од вообичаените родители, за себе и за своите деца, туку нивното однесување и вознемиреност поради потребата да бидат супериорни, исто така, се пренесуваат на нивните деца. Кој сака да го пренесе тој притисок на некој што му значи?

Како што објаснува Гринспон, децата сакаат да слушаат приказни за направени грешки и неуспеси. Тоа не само што им го всадува фактот дека никој не е совршен, туку покажува дека вие, нивните родители, сте само луѓе, а и самите тие исто така.

Ако го одземете притисокот и им дозволите на вашите деца да не бидат ограничени од вашата идеја за тоа што е најдобро, тогаш ќе видите дека вашите деца навистина „цветаат“, односно се развиваат и напредуваат. Ни требаат повеќе деца кои ќе прават грешки ако сакаме да имаме поуспешни и посреќни возрасни.

Има што да се каже за совршенството, но има уште повеќе да се каже и за моментите каде што го нема.

Совршенството нè врзува и нè спречува да бидеме слободни, а ако не се управува соодветно, тоа може да биде крајот за нас. Треба да се одмориме и да се тргнеме подалеку од таа трка во која постојано се бориме да бидеме подобри од следниот човек – нема ништо лошо во тоа одвреме-навреме да сме на второто место.

Сребрените медали се исто толку сјајни како златните, доколку не сте забележале.

Автор: Аманда Чател

Извор



912

X