Таравари со отворено писмо: Да кренеме западен фронт против чумата на корупцијата

Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари упати отворено писмо до амбасадорите во земјава повикувајќи да се отвори фронт „против чумата на корупцијата“.

- Искористувајќи ја смиреноста на овој зимски викенд, Ви се обраќам преку ова отворено писмо да ве замолам заедно да кренеме западен фронт за европеизација на земјата, а не со празни пароли на политичарите од кои граѓаните на државата се уморни и разочарани и кои што масовно ни бегаат кон Европа, туку со конкретни акции за решавање на нивната главна грижа која што ги потопи и последните надежи дека во оваа земја некогаш може да биде добро за нив и за идните генерации.

Оваа нивна, моја, но, и ваша грижа е чумата на корупцијата која ја зафати секоја пора на општеството, особено во врвот на власта каде партиските апаратчици се недопирливи. Тие се недопирливи, бидејќи партизираната и корумпирана правда им гарантира имунитет, дури и во случаите што ги отвори Организацијата на Европската канцеларија за борба против измама (ОЛАФ) за злоупотреба на милиони со парите на европскиот даночен обврзник.

Поминаа 4 години откако поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски (СДСМ), беше фатен како заговара коруптивен тендер вреден 7 милиони евра финансиран од Европската банка за обнова и развој. - се вели меѓудругото во писмото.