Битиќи и Деспотовски: Kреираме развој со поддршка на инвестиции на домашни и странски компании

Можностите за инвестиции и поддршка од државата особено за домашните компании, идни мерки како и презентација на примери на македонски компании кои со поддршката од државата градат успешни приказни беше во фокусот на денешната панел дискусија посветена на економијата и инвестициите. Настанот го организираа заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, а на панелот учествува и стопанственици и поранешниот премиер Димитар Ковачевски. Заменик-премиерот Битиќи нагласи дека за првпат домашните компании имаат поголема финансиска поддршка споредено со странските инвеститори, како и дека поддршката во последниве шест години е порасната за речиси 13 пати.

„Со гордост можам да кажам дека нашите напори во поддршка на домашните компании преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции покажуваат конкретни резултати. Прво што направивме е изедначување на условите за финансиска поддршка на домашните со странските компании. Од нула поддржани компании во 2016 година до 919 денес, нашата заложба за економски развој и иновации станува реалност. За шест години, Владата ги има поддржано со околу 100 милиони евра за нивните инвестиции кои се над 500 милиони евра".

Овој панел на кој учествуваа и стопанственици и експерти, стави акцент на синергијата меѓу Владата и приватниот сектор за стимулирање на економскиот раст. Учесниците имаа ретка шанса не само да се запознаат со најновите трендови во инвестициите, туку и активно да учествуваат во креирањето на стратегија за иднината на македонската економија.

Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски посочи дека само во ТИРЗ во последниве три години се постигнати договори во вредност од една милијарда евра што е еднакво на нивото на инвестиции во ТИРЗ од 2006 до 2020 година.