Рубрика: Информатика
Европската е-трговија ќе порасне за 9% годишно
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 16.10.2023 - 13:15

Европскиот пазар за е-трговија се очекува да достигне 1,5 трилиони долари до 2027 година, тврди GlobalData во новиот истражувачки извештај. Ова значи дека просечната годишна стапка на раст изнесува 9% и дека европскиот раст малку заостанува зад глобалната стапка на пораст, која GlobalData ја проценува на 9,5 %. Фирмата за податоци и аналитика предвидува дека глобалните трошоци за е-трговија ќе достигнат 9,3 трилиони долари во 2027 година, наспроти достигнатите 5,9 трилиони долари во 2022 година. Ова претставува вкупен раст од нешто помалку од 60% за период од само пет години!

Последниве години годишниот раст на трошоците за е-трговија е поголем, поточно зголемен за 15% помеѓу 2016 и 2022 година. Онлајн расходите во овој период се зголемија од 2,5 трилиони долари на споменатите 5,9 трилиони. GlobalData го припишува ова значајно зголемување делумно на пандемиските услови, пишувајќи „Ковид-19 беше клучен фактор во овој раст бидејќи пандемиските карантини го забрзаа преминот кон купување преку Интернет“.

Но, растот е далеку од завршен. Како што се појаснува во новата прогноза на GlobalData „Глобалниот пазар за е-трговија се демократизира преку е-трговија како услужни компании, како што е Shopify, и пазари, како Amazon и Alibaba, кои дозволуваат секој да стане трговец“.
Покрај ова“, продолжуваат тие, „подобрената технологија, новите услуги за испорака и поширокото усвојување на интернет ќе помогнат глобалната вредност на трансакциите со е-трговија да достигнат 9,3 трилиони долари до 2027 година“.

Се очекува САД и Кина да сочинуваат повеќе од половина од вредноста на индустријата за е-трговија во 2027 година, според GlobalData, која очекува значителен раст за Европа. „Сепак, пазарите во развој не треба да се занемарат“, нагласува агенцијата. Индија е експонент, со очекувана просечна годишна стапка на раст од 23% до 2027 година.

Клучни зборови: