Имагинативноста на словенечкиот театар

29.04.2024 09:35
Имагинативноста на словенечкиот театар

Фотографија од претставата „Сексуално образование II: дијагноза + согласнот + способност + игра + борба“, во продукција на „Нова пошта“ од Љубљана. Фото: Нада Жганк

(Кон 54 недела на Словенечката драма во Крањ, Словенија, 27.3 – 9.4, 2024)

Неделата на словенечката драма е глобален театарски настан par excellence кој е пример за длабок пресек на драмските и театарски движења во Словенија. Следејќи го добри пет години, имам впечаток дека таа аналитика станува неизоставна парадигма во регионот, но и во Европа. Селекторски издржан, со цврста програмска политика и со голема посветеност на словенечката драматика и нејзините движења, овој фестивал веќе 54 години говори за тектониката на словенечката драма во пишувана, но и во изведбена форма.

Кога следите ваков фестивал не можете, а да не навлезете барем малку во тематската гама на драмското промислување на словенечката драма, а што е уште поважно и во режисерските концепти кои се градат врз драмските предлошки. Како и секоја година овој фестивал покрај главната (натпреварувачка програма), ја има и придружната, но и програмата за младите. Уште на почетокот на годината селекторот ја објавува својата селекција која е компактен избор на претстави базирани врз словенечки драмски текстови, класични и модерни, и со тоа прави пресек на најдобрите театарски остварувања во Словенија. Оваа година Аља Предан, една од најпознатите театарски критичарки, драматичарки и преведувачки, добар познавач на словенечката драмтика и театар, направи избор од седум театарски дела кои се на некој начин одраз на состојбата во словенечкиот театар, изложувајќи во својот извештај дека правејќи го овој избор водела сметка за актуелниот миг на театарот и за социјалниот и општетсвен ангажнам на самите театарски проекти. Во овој избор се најдоа претставите:

„Сексуално образование II: дијагноза + согласнот + способност + игра + борба“, проект на Тјаша Чрнигој, Лина Акиф, Сенди Бакотиќ, Ника Розман, Ванда Велагиќ, Тијана Тодоровиќ, Барбара Капељ, Теа Видмар и Леа Лекше во продукција на „Нова пошта“ од Љубљана, претстава која во своите пет часа и 45 минути донесе една радикална анализа на суштественоста на сексуалноста на жената и од историски и од модерен аспект водена од аргументација артикулирана низ добро познатата постдрамска форма, но со голема храброст и артифициелност.

„Јуриш“ е претстава базирана врз делата на Карел Дестовник Кајух, во режија на Жива Бизовичар и во продукција на Словенечкиот народен театар од Цеље, која зборува за една неодамнешна историја на Втората светска војна и судбината на самиот Кајух во вртлогот на поствоените настани во четириесеттите години од минатиот век.

„Антигона“ на Доминик Смоле, сега веќе класичен драмски текст на еден од најголемите словенечки драмски автори кој се занимава со модерното толкување на митот за Антигона, чија бунтовност е согледана од аспект на другите ликови со тоа што Антигона како лик отсуствува од дејствието, едно многу интересно видување на младиот словенечки режиер Лука Марцен кое алудира на автократијата која се чини дека и во современата демократија не исчезнала од политичката сцена.

Фотографија од претставата „Мракијада“, според текст на Иван Мрак во режија на Нина Рајиќ Крањец. Фото: Петер Ухан

„Мракијада“, голема театарска продукција на Словенечкиот Народен Театар од Љубљана, исто така временски долготрајна претстава од скоро четири часа која е базирана врз текстовите на помалку познатиот словенечки драматург Иван Мрак, во исклучително радикалното режисерско видување на младата режисерка Нина Рајиќ Крањец, претстава која импонира со изразната суровост и силната бунтовност во интерпретативниот простор.

„Дождлив ден во Гурлич“, драмски текст на Милан Рамшак Марковиќ кој се занимава со социјалните падови во семејната констелација, претстава која во режисерска смисла е доста минималистичка, но актерски многу силна, во режија на Себастијан Хорват и во продукција на Прешерновиот театар од Крањ и во копродукција со Градскиот театар од Птуј; „Похорскиот баталјон“ по текстови на Јернеј Лоренци, Дино Пешут и другите членови на актерската екипа, а во режија на Јернеј Лоренци и во продукција на Градскиот театар од Љубљана и копродукција со Градскиот театар од Птуј и „Второ минато“, по текст на Винко Морендорфер, во режија на Лука Марцен и во продукција на Словенечкиот народен театар од Цеље. Селекторката Аља Предан одбрала текстови кои заокружуваат еден добар дел од сликата за Словенечкиот театар, класични и модерни дела, со многу интересни, егзактни и многу остри прочити на режисерите, но и како исклучително сериозни продукции, секако со сјајни актерски остварувања.

Придружната програма на фестивалот кој се нарекува „Недела на Словенечката драма“, а на радост на сите театарски уметници трае добри две седмици и се состоеше од претставите:

„Нешто во воздухот (Ал Араф)“ е претстава по текст на Владимир Бартол и Симона Хамер во режија на Анѓелка Николиќ, а во продукција на Словенечкиот театар од Трст; „Ноли ме тангере“, по текст на Драга Поточњак во продукција на „Нова пошта“ од Љубљана во копродукција со „Маска“ и „Момент“ од Марибор. Се работи за претстава која зборува за политичките конфликти на авторите и генерално за аспектите на ангажманот на уметникот.

„Реалисти“ по текст на Јуре Карас во режија на Алена Хаин и во изведба на Театарот „РАМПА“ и Словенечката образовна унија од Клагенфурт (Целовец) од Австрија. „Девојчиња“ по текст на Нина Куцлар Стиковиќ во режија на Бор Равбар и во продукција на театарите „Глеј“ и „АГРФТ“ од Љубљана; како и претставата „Херој 4.0 – вообичаена работа“, по текст на Урош Каурин и Вито Вајс и во драматургија на Катарина Стегнар, во продукција на „Момент“ од Марибор и „Глеј“ од Љубљана.

Фрлајќи поглед на овој сегмент од фестивалот имаме впечаток дека тука повеќе се застапени камерните форми одиграни во многу инспиративните простори како што е „Столб Шкрловец“, извонреден уметнички центар за сите видови на уметности, театарски претстави кои на некој начин ја претставуваат алтернативната сцена во Словенија, иако алтернативата во Словенечкиот театар ја има примарноста во неовото уметничко проседе.

Детскиот и младински сегмент од фестивалот го сочинуваат претставите: „Песната на птиците во крошните“ по текст на Јака Смеркољ Симонети, во режија на Иван Лобода, во продукција на Прешерновиот театар од Крањ и АГРФТ од Љубљана; „Алма“, по текст на Дарко Ердељи и во негова режија, во продукција на Куклениот театар од Марибор и „Бајки и легенди од Грјанцевите ридови“, базирана на приказните на Јанез Трдина, во режија на Маруша Кинг, а во продукција на институтот „Маргарета Шварцвалд“, Цанкарјевиот дом, Градскиот театар од Птуј и Словенечкиот театар од Трст.

Она што би сакал да го споменам се двете претстави кои беа вон конкуренција, а беа од големо значење за овој фестивал. Тоа е претставата „Антигона“ по текстовите на Софокле и Славој Жижек, во режија на Матеја Колежник, а во продукција на театарот „Резденц“ од Минхен и премиерата на Прешерновиот театар од Крањ на самото отворање на фестивалот. Тука е и претставата „Бој на гркланот“, базирана врз текстовите на Прежихов Воранц и Ловро Кухар, во драматургија на Маринка Поштрак и во режија на Јернеј Лоренци, која претставува едно специфично читање на словенечкиот класик Воранц кое зборува за социјалните борби на земјоделците пред Втората светска, на авторот кој во нашето поднебје е познат по својата моќна социјална драма „Самоникнати“. Овие две дела ја заокружија сеопфатноста на ова издание на фестивалот кој првенствено беше посветен на новото читање на класичните дела инспирирани од митовите и народните умотворби.

„Неделата на Словенечката драма“ традиционално секоја година ја доделува многу посакуваната „Грумова награда“ за најдобар драмски текст со која се овенчале многу значајни словенечки драмски писатели. Оваа година во номинации за оваа награда беа драмските текстови:

„Најдоброто Европско шоу“ на Марко Братуш и Харис Пашовиќ, „Првиот збор е Мајка“ на Тјаша Мислеј, „Невенчани мајки“ на Иза Стрехар и „Будноста на зимското утро“ на Даниел Деј Шкуфца. Жирито во состав: Рок Андрес, Миријам Кичинова и Јакоб Рибич овогодинешната „Грумова награда“ ја додели на Иза Стрехар, додека во номинации за најдобар млад драматург беа доделени на: „Разминувачи“ на Јака Смеркољ Симонети, „јас одам ти одиш ние одиме шлак 2 млади 4 4ever ЕЛА НАДВОР ДА СЕ ИЗЛУПАМЕ се плашам од преголемите очи и премалите мечиња ние пристигнуваме на последната станица ве молам отстапете те проголтав и те исплукав лесно изџвакан“ на Брина Јенчек и „Вистинско момче“ на Тилен Облак. Жирито оваа награда ја додели на младата драматичрака Брина Јенчек. Кога сме веќе кај наградите оваа година жирито на фестивалот во состав: Алеш Јан (претседател), Пиа Брезавшчек и Мирна Рустемовиќ, наградата за најдобра претстава ја доделија на претставата „Мракијада“ по текстовите на Иван Мрак, во режија на Нина Рајиќ Крањец и во продукција на Словенечкиот Народен театар, а таа претстава ги понесе и актерските награди кои отидоа во рацете на Тина Врбњак и Бенјамин Крнетиќ за улогитре одиграни во истата претстава.

Фотографија од претставата „Сексуално образование II: дијагноза + согласнот + способност + игра + борба“ на која ѝ припадна наградата од публиката.

Наградата на публиката отиде кај претставата „Сексуално образование II: дијагноза + согласнот + способност + игра + борба“, проект на Тјаша Чрнигој, Лина Акиф, Сенди Бакотиќ, Ника Розман, Ванда Велагиќ, Тијана Тодоровиќ, Барбара Капељ, Теа Видмар и Леа Лекше во продукција на „Нова пошта“ од Љубљана, а таа претстава ја доби и специјаната награда за иновативен театарски пристап.

Наградата за животно дело оваа година беше доделена на Маринка Поштрак, а наградата за театрологија во последните две години беше доделена на Зала Добовшек. Овде ќе ги споменеме и традиционалните награди на Словенечкото здружение на драмски уметници за актерски остварувања во последните две години доделени на отворањето на фестивалот кои го носат името на словенечката актерка „Дуча Почкај“, а кои беа доделени на актерите Јернеј Гашперин и Саша Табакович, наградата „Марко Слодњак“ за особено остварување која отиде во рацете на младата Словенечка режисерка Нина Шорак, наградата „Марија Вера“ за животно дело која ја освои истакнатиот Словенечки актер Жељко Хрс и наградата „Полде Бибич“ исто така за животно дело која отиде кај големата Словенечка актерка Драга Поточњак.

Она што го прави интересен овој фестивал е густината на настани кои се одвиваат скоро целиот ден, а каде се наоѓаат и тркалезните маси, дебати и изложби, овојпат посветени на сите театарски аспекти и сè она што значи актуелен миг на театарот не само во Словенечки рамки, туку и пошироко.

„Неделата на Словенечка драма“ веќе длабоко завлегува во втората половина од својот век и постојано возбудува со својата специфика и посветеност, а секако и со својата иновативност. Како што вели нејзиниот директор Јуре Новак: „Театарот е жива уметност“, а овој фестивал со својата живост и динамика нè потсетува на тоа дека театарското минато и иднина го имаат својот заеднички именител во сценското „овде и сега“, не заборавајќи да ги испрати најважните пораки и да ни укаже на тоа дека оваа уметност будно го следи секој момент од човештвото, сите негови падови и воздигнувања.

Фотографија од претставата „Мракијада“, во режија на Нина Рајиќ Крањец. Фото: Петер Ухан

ОкоБоли главаВицФото