Гете медалот е признание за заедницата на оние без восок во ушите

25.04.2024 11:35
Гете медалот е признание за заедницата на оние без восок во ушите

Краток текст на Искра Гешоска, по повод доделеното германско признание, Гете медалот за 2024 година.

И покрај многубројните аргументи кои често ме искушувале токму по ова прашање, сепак, единственото нешто во кое верувам е заедницата на споделени идеи, визии, акции, реакции и креативни конфронтации.

Верувам во политиките на споделеност и органско заедништво кое создава простори на постојано еманципирање низ критичко (себе)преиспитување. Верувам дека општествените динамики можат да бидат поттикнувачки и отворени само преку слободната размена на храбри индивидуи, кои успеваат да ја сочуваат својата автономија здружувајќи се и создавајќи силни и вибрантни платформи на солидарност и на единство на различностите. А најмногу верувам во тоа дека никој не може сам да чекори по патот ниту пак дека може сам да создаде какво било вредносно јадро.

Токму затоа, без двоумење, велам дека ова признание не е за мене, туку за сите нас. За сите кои заеднички сме чекореле низ предизвикувачките социо-културни Сцили и Харибди, без да ставиме восок во ушите. Јас не сум ништо без сите вас. И токму затоа, ви благодарам за сите заеднички битки, за сите заеднички приказни, за сите заеднички исчекори и обиди да направиме разлика, да не се втолпиме, и постојано да бидеме будни и спремни да се спротиставиме на секој кој ќе посегне и ќе сака да ја загрози автономијата во општеството, во културата, во естетските и етичките хоризонти.

Гете медалот за 2024 година го доби Македонија. Тој ни припаѓа на сите.