Интервју со Дарко Несторов – наставник по руски јазик на Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ 


Антропол: Како наставник по руски јазик  во Рускиот центар при УКИМ, може ли да ни споделите повеќе за вашето искуство со рускиот јазик? Каде ги завршивте студиите, какви се вашите искуства со програмата за размена на студенти во Русија, и за програмите за усовршување на квалификации кои се директен виновник за вашето запознавање со руската култура?

Д.Н.: Роден сум и живеам во Скопје целиот свој живот, иако многу често сакам да патувам постојано се вреќам тука. Во родниот град ги завршив и своите студии на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на Катедрата за славистика на групата за руски јазик и книжевност. За време на студиите имав можност да ја посетам Руската Федерација преку програмата за размена на студенти,  два месеци да престојувам и да ги надополнам своите знаења на Државниот Институтот за руски јазик „А.С.Пушкин“ каде покрај часовите за усовршување на рускиот јазик имаше и други предавања од областа на лингвистиката, културата, уметноста, историјата итн. Тоа во голема мера ми помогна во понатамошната работа со рускиот јазик и воопшто со запознавањето на Русија, руската култура и нивниот менталитет. Сметам дека секој што планира да се занимава со јазик мора да ја посети земјата и да помне доволно долго време таму за да може посоодветно да се запознае не само со современиот јазик туку и со културата на земјата. Уште пред почетокот на студиите имав голем интерес за дипломатија, култура, етнологија и руски јазик, но преовлада интересот за руски јазик. Сепак интересот за рускиот јазик не запира со дипломирањето работата на себе и усовршувањето продолжува и понатаму. Руската Федерација овозможува многу програми за повишување на квалификации и специјализации на кои се трудам неколку пати годишно да земам учество, нормално кога можам да одвојам доволно слободно време. Дел од овие програми се одржуваат во Русија, а дел се во онлајн формат што понекогаш е попрактично но сепак не може да се замени наставата со физичко присуство и комуникацијата и вмрежувањето со колегите од другите земји. Посетата на Руската Федерација за повишување на квалификации дава големи можности за сите кои се занимаваат со руски јазик, универзитетитие каде се одржуваат овие обуки се високо професионални и специјализирани и мислам дека секогаш кога се сака се може да се одвои време за вакви обуки кои многу значат во понатамошното работење и стекнување на нови вештини и одржување чекор со современите трендови. Од пред почетокот на студиите сум активен во невладиниот сектор каде се занимавам со проблематиката на човекови права, инклиузија на лица со посебни потреби и ранливи групи, родова еднаквост, трговија со луѓе итн. Една од неостварените желби ми беше дипломатијата, но како што велат никогаш не е доцна па успеав и да да се запишам и да магистрирам на Универзитетот ФОН на модулот Меѓународни односи и дипломатија и делумно да си ги задоволам своите интереси и желби во оваа насока. Кратко по отварањето на Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 2016 година започнав со одржување на курсевите по руски јазик и со работа над најразлични проекти од областа на културата, образованието и со предавање на руски јазик. Низ годините работа може да кажам дека поминаа голем број на ученици, студенти, уметници, бизнисмени, дипломати, вработени во меѓународни организации,пензионери. Голем дел од посетителите на курсевите го продолжија изучувањето на јазикот на Филолошкиот факултет, на други пак им послужи за да се запишат на студии во Руската Федерација преку програмата за стипендирање на лица од Македонија преку која огромен број млади заминуваат да студираат на универзитетите низ цела Русија, а голем број и остануваат таму и започнуваат кариера на некои од престижните универзитети или во бизнис секторот. Скоро секоја година нашите посетители се дел од летните школи за изучување на руски јазик кои се оргнизираат во Русија преку програмата за стипендирање на македонски државјани. Голем дел од слушателите го изучуваат јазикот поради потреби поврзани со работните обврски но има и такви кои си го обновуваат знаењето стекнато во минатото. Во последно време радува фактот што се помлади деца се вклучуваат во наставата и што тие дури на самиот почеток многу добро го владеат јазикот бидејќи успеале да го научат преку интернет со гледање на цртани филмови, слушање музика или следење на некои познати личности од Русија. Но за жал останува тука тажната реалност дека во Македонија во многу мал број основни и средни училишта официјално се изучува рускиот јазик па децата на најразлични креативни начини се обидуваат да дојдат до можност за изучување на јазикот. Интересот за изучувње на руски јазик од почетокот на организирање на курсевите беше доста голем но значителен раст се забележа по воведувањето на онлајн настава за време на Ковид пандемијата кога се отвори можност за учество на лица од други градови па и држави. Па така на пример покрај заинтересираните слушатели од сите градови во Македонија имаме и слушатели од други земји како на пример: Србија, Хрватска, Финска, Шведска, Австралија, Америка, Малта, Германија, Камбоџа, Украина, Обединети Арапски Емирати можеби нема да се сетам на сите но сигурен сум дека имаше уште некоја земја. По завршувањето на пандемијата немаше услови за целосно враќање на наставата со физичко присуство токму поради овие причини се премина кон хибриден начин на настава и одржување на настаните каде би можеле да земат учество сите заинтересирани а не само жителите на Скопје. Затоа сите нашите настани, работилници, предавања, конференции се снимаат или се пренесуваат во живо и потоа снимките се поставуваат на нашата Фејсбук страна, на веб страната и на Јутуб каналот.

Антропол: Која е мисијата на Рускиот центар при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје и какви активности се применуваат за нејзино постигнување?

Д.Н.: Рускиот центар е дел од Универзитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје и официјално е основан во 2015 година. Мисијата на Рускиот центар е зајакнување на образовната и научната соработка меѓу Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и високообразовните, научноистражувачките и културните институции во Руската Федерација и во Македонија. Во согласност со ова, Рускиот центар овозможува пристап до наставно-методски и научно-популарни информации на руски јазик, дава поддршка на програми за студирање на рускиот јазик, одржува настава за изучување на рускиот јазик и издава соодветни документи за негово познавање, активно работи на афирмација на рускиот јазик, литература, култура и уметност, обезбедува информации и консултативни услуги за оние што се заинтересирани за изучување на рускиот јазик и култура, создава услови за запознавање со класичните и современите дела на руската литература и уметност, како и со мултинационалната култура и историја и работи на проширување на културните, образовните и научните контакти и размени меѓу институциите.

Антропол: Какви воннаставни, екстракурикуларни активности се одржуваат во Рускиот центар при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје?

Д.Н.: Во Рускиот центар многу често се одржуваат најразлични работилници на кои земаат учество различни возрасни групи и скоро секогаш нашите простории се претесни за да ги соберат заинтересираните. Покрај работилниците Рускиот центар одржува и традиционални предавања во петоците на најразлични теми од културата, историјата, уметноста, литературата, јазикот. Хибридниот начин на работа ни овозможи почесто во нашата работа да вклучиме и експерти од други градови и земји. Вреди да се спомене и меѓународната конференција која се организира секоја втора година под наслов „Руски јазик, литература и култура: минато, сегашност и иднина“ на која учество земаат голем број врвни експерти. Поради големиот број на учесници оваа конференција трае неколку дена. Проекциите на играни, документарни и цртани филмови будат многу голем интерес па се трудиме постојано да имаме по некој нов забавен филм по чие завршување обично се развива дискустија за истиот. Бидејќи сме во време на многу празници ќе споменам дека одбележувањето на некои празници се одвива со цел да се прикаже начинот на одбележување на празниците и приближување на културата и традициите до македонскиот народ. Многу често овие празнувања и традиции се совпаѓаат со нашите но има и разлики кои се мошне интересни за нашите сограѓани. Во просториите на центарот се организираат и изложби кои се отворени за заинтересираните вообичаено во попладневните часови. Сепак најголем интерес буди библиотеката која изобилува со руска литература, речници наставен материјал. Покрај руската дијаспора која е најредовна во нашата библиотека тука се и студентите, курсистите па и љубителите на руската литература но сепак треба да се напомене дека сите материјали во библиотеката се на риски јазик. За познавачите на рускиот јазик се организираат разговорни клубови кои им помагаат во унапредувањето на своите вештини, одржување на континуитетот и учење на нова лексика.    

Антропол: Каква е процедурата за пријавување на бесплатниот курс на руски јазик во Рускиот центар при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје? Дали уписот е наменет или ограничен на одредена возраст на слушателите?

Д.Н.: Уписите за бесплатно изучување на русикиот јазик започнуваат во септември и на истите може да се пријави секој заинтересиран без разлика на возраста. Се што треба да се направи е да се следи нашата Фејсбук страна каде ние објавуваме информации за нашите активности и да се пријават на повикот за аплицирање. Апликацијата е во онлајн формат и пријавувањето не трае подолго од две минути. По пријавувањето и формирањето на групите заинтересираните ќе бидат известени и ќе им биде доставен наставен материјал. Дружењето со идните курсисти трае цела академска година. Ги охрабрувам сите заинтересирани да не ја пропуштат можноста да научат руски јазик кој е светски јазик, еден од официјалните јазици во Обединетите Нации и на кој зборуваат 258.2 милиони луѓе во светот на огромна површина од земјината топка. Да не заборавиме и дека со знаењето на неколку словенски јазици се олеснува разбирањето и на останатите јазици од словенската група. По завршувањето на наставата се полага завршен испит и тие што успешно ќе го положат се стекнуваат со сертификат за завршен степен. И покрај големиот интерес за изучување на јазикот сите заинтересирани се трудиме да добијат соодветен термин во договор со професорот. Оваа година имавме запишано скоро 500 слушатели што значеше дека мора интензивно да се работи и координира наставата.   

Антропол: Како функционира процесот на полагање и доделување на сертификати за курсистите на руски јазик во Рускиот центар, особено со оглед на големиот број на учесници и долготрајниот карактер на полагањето? Колку е тешко да се научи рускиот јазик?

Д.Н.: Полагањето се организира на крајот на мај или почетокот на јуни. Со оглед на големиот број на курсисти писмениот и усниот дел од полагањето трае неколку дена. Успешните курсисти кои се стекнале со сертификат се покануваат на свечено доделување на истите веднаш штом бидат изработени сертификатите. За пример минатата година имаа завршено 223 курсисти или 52% од пријавените.  Во текот годините работа на Рускиот центар при УКИМ на курсевите се имаат запишано преку 4500 слушатели што претставува огромен успех во нашата работа. Заинтересираноста за изучување на јазикот е огромна, а задоволството да се предава на љубителите на јазикот и културата уште поголема. Единствен предизвик со кој се судираат курсистите е падежниот систем кој го нема во нашиот јазик но сепак и тоа не е толкава пречка кога нешто навистина се сака.