Пратенички мандати и разлика во гласови

Двојна победа за ВМРО-ДПМНЕ, историски дебакл за СДСМ, ДУИ стана втора политичка сила во земјава. Македонија за прв пат доби претседателка на државата, иако претседателските избори ги бојкотираа околу 137 000 гласачи, исто колку гласовите на ДУИ на парламентарните, а законодавниот дом доби драматична промена на распоредот на политичките сили. 

Од обработени скоро 100 проценти од гласачките ливчиња, официјалната страна на ДИК покажа дека Гордана Силјановска-Давкова кандидатката на ВМРО ДПМНЕ и новата шефица на државата - победи со повеќе од 300 илјади гласа предност пред  актуелниот претседател Стево Пендаровски поддржан од СДСМ, кој победи само во десет општини. Силјановска и во првиот круг водеше со двојна предност, а сега ја зацементира победата. 

ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник и на парламентарните избори. Освои 431.251 глас или 43,23%. Триумфот го заокружи со 58 мандати во законодавниот дом. Победи и во бастионите на СДСМ, во Центар води над 5 илјади гласа пред СДСМ, а во Струмица ги дуплира гласовите кои го освои матичната партија на Заев. 

СДСМ на парламентарните избори, доживеа крах, најголем пораз од независноста на државата досега. Освои дури и околу 100 илјади гласови помалку од Пендаровски зад кого стоеше како партија. 28 пратеници помалку од минатите избори, речиси протеран од Скопје каде доби само околу 36 илјади гласа. Доби 3 мандати во првата изборна единица, а актуелниот вицепремиер за европски прашања Маричиќ не успеа да влезе ниту како пратеник во Собранието. Со 153 250 гласа, СДСМ доби само 18 пратенички места или скоро за 10 помалку од 2008та , која се сметаше досега за најголем пораз на партијата. 

А ДУИ стана втора политичка сила во државата. Освои 137.486  гласови односно 15.000 помалку од коалицијата на СДСМ. Но, поради подобра концентрираност на гласовите по изборни единици, Европскиот фронт доби еден пратеник повеќе од СДСМ или19 пратенички мандати. Случајно или не, изборот на претседател го бојкотирале 137 645 гласачи, бројка која е скоро идентична со гласовите за ДУИ на парламентарните избори.

Победа слави и коалицијата „Вреди“ или „Влен“ на чело со Таравари. Доби 107 090 гласови или 13 пратенички места. Тесна битка водеше со партијата на Ахмети  во изборна единица 6, каде партискиот опонент на ДУИ освои само околу 5илјади гласа помалку. 

А партијата на Максим Димитриевски освои 56 277 гласови или скоро 30 илјади гласови помалку од првиот круг претседателски избори, каде се кандидираше токму лидерот на партијата . Во собранието ќе учествува со 6 пратеници. 

Шест мандати доби и Левица, тројно повеќе од минатиот собраниски состав. Порачаа дека ова е прва пратеничка група на Левица  и дека овој резултат очекуваат да го надминат на следните избори.