Постојаната обвинувачка реторика е сигурно пропаѓање на општеството

22.01.2024 11:47
Постојаната обвинувачка реторика е сигурно пропаѓање на општеството: Како се јадеме самите себеси?

Познатиот актер Диклиќ пред една недела напиша дека веќе нема да чита и зборува за тоа кој колку крадел, кој што расипал и сличните политички и веќе сеопшти обвинувања. Сакам ова што ми преостана од животот да го одживеам со обични човечки теми.

Овој негов заклучок дека има теми кои се човечки и во нив не спаѓаат постојаните обвинувања ми е некако слика и на мојава заедница и тоа од најситната клетка, па до врвот на хиерархијата. Навикнавме да се браниме од состојбите со избегнување на сопствената одговорност и за сѐ ни се виновни другите. Заборавивме дека кога се покажува со прст на некого, трите други прста се свртени кон нас а тие покажуваат трипати повеќе од она што го посочуваме кај другиот. Такво општество не може долго да опстане и ќе скапе во сопствените темнини и омрази.

А можеби и природен е овој механизам за преживување ако само се потсетиме низ каква кампања и борба меѓу политичките партии преживеавме до сега. Ако воопшто и преживеавме како нормални личности и граѓани. Таквиот начин на водење на политичка борба е константен сите овие години, но сега како да го достигна својот врв. Како ли ќе биде за време на кампањата уште сега ме фаќа страв. Социолозите пишуваат книги кои ретко кој ги чита, а јас лаички заклучувам – како што велат малешевците „Това бачило такво сирење дава“!

Пред четири децении во релаксирана атмосфера имав привилегија да слушнам што за кадровската политика од социолошки аспект размислуваше д-р Стипе Шувар:

„Се плашам дека товарот на големите предизвици кои стојат пред партијата и државата не можат да го понесат кадрите од новиот бран. Тие се партиски бирократи што немаат идеолошки ориентир и имаат единствена цел – да спроведуваат власт. Ќе ги искористат сите средства за својата цел, а се плашам дека резултатот ќе биде распад на партијата и државата. Како нови кадри и во духот на новите прагми тие ќе се вградат во сите пори на општеството“. Ја палеше својата лула неколку пати и до ден денес ми остана сеќавањето дека нѐ гледаше со доза на сожалување за она што нѐ чека како иднина. Дали бил во право оставам да заклучат сите што денес прават некаква анализа за нашите сегашни состојби.

Ајде малку за последиците од ваквата негативистичка атмосфера во економско социјалната сфера. Ако секоја вечер слушаме за огромна корупција, криминал и нефункционирање на институциите, како сакаме да имаме мали камати и сериозни инвестиции? Кој инвеститор би инвестирал во држава каде не може да ја заштити својата инвестиција? Може да вложуваат само оние што до капитал дошле низ сивите економски и финансиски зони. Тие се опасност и за веќе етаблираната банковно економска олигархија. Како во вистината за англиските барони кои својот статус го должат на разните криминални дејности низ светот – не ме прашувај за првиот милион, а за секоја фунта потоа ќе ти дадам одговор.

Кога свеж капитал од сивата зона ќе влезе низ финансиските токови, банките се бранат со кредитирање на најсигурни пласмани. Ретко ризикуваат да вложуваат во капитални инвестиции затоа што оправдано се плашат од неефикасната држава и роковите за завршување на ваквите проекти. Брзината на оплодување на финансискиот капитал е модус вивенди за опстојување на банките. Затоа ја користат својата моќ и влијание врз државните органи за свои сигурни пласмани.

Државата својата неефикасност и зависноста од клиентелистичките партии ја лечи со издавање на разни хартии од вредност на домашниот пазар. Расположливи средства имаат само банките, бидејќи и не им се вложени во реалната економија, па ѝ позајмуваат пари на државата. Овде ризик нема, а циклично се зголемува и политичката моќ на финансискиот сектор. Државата е како должник кој зема кредит за да го врати претходниот долг. Круг од кој се излегува само со зголемување на приходите на државата и тоа само од поголем економски раст. Ако на ова се додаде и постојаната потреба од странски кредити, резултатот се гледа во структурата на националниот буџет и трговскиот дефицит кој во суштина е нов долг.

Она што неколку години се анализира се високите цени на становите, посебно во Скопје. Кога ги погледне човек цените во Скопје, а и поголемите градови во Македонија си го поставува прашањето – кој има пари да купува толку скапи станови и зошто ги купува?

Економската логика вели дека граѓаните имаат вишок на средства кои немаат каде да ги вложат, па најсигурно им е да купуваат станови. Становите досега не изгубиле на вредност, па дури и константно се зголемува. Процесот на замирање на провинцијата и претворање на Македонија во еден мегаполис не е случајна и е резултат на потребата од профитабилни пласмани на банките и стимулирање на таквите политики преку влијание врз носителите на политичката моќ. Последиците можат да бидат од разни карактери и на долг рок секако неповолни. Пред сѐ економски, па еколошки и дури безбедносно функционални.

Тешко ни е да се навикнеме на безмилосноста на капиталистичката економија која има само еден фетиш и еден бог – поголем профит. Банките не сакаат ризични пласмани зошто неефикасната држава може да ги доведе до намалување на ликвидноста кога должниците нема да можат да ги отплатуваат ануитетите и се започнува компликувана и долга судска постапка.

Стечајната постапка често значи и дополнително девастирање на недвижностите кое се хипотека за земените кредити. На крај банките некако намируваат поголем дел од долгот, ама економската активност на субјектот во најголем дел престанува. Оваа е дијагнозата за состојбите во економијата. Ако должникот предложи преструктуирање на производството и програм на санација, банките ретко тоа го прифаќаат, затоа што општата несигурност и постојаното препукување меѓу партиите и црнење на политичкиот противник и институциите на системот не им влева сигурност во исплатливоста на санацијата. Анализите им велат дека тешко се наоѓа образована работна сила која ќе ја подигне рентабилноста на компанијата, па дури и да се осовремени технолошкиот процес.

Психолошкиот ефект врз јавноста за компанијата која пропаѓа, дополнително ја зголемува претпазливоста на банките. Ефектот го чувствуваат граѓаните секојдневно. Потребата од некаква сигурност за иднината така се зголемува. Граѓаните бараат излез и затоа последните десеттина години го бараат во купување на станови како некаква сигурност за непредвидливата иднина.

Видете ја статистиката за бројот на станови и нивното користење како дом за семејството на сопственикот. Во илјадници станови не живеат сопствениците. Така се поставува сцената за големи профити на банките. Тие ги кредитираат компаниите кои се занимаваат со изградба на станови. За да инвестираат ги упатуваат клиентите кон банките. Граѓаните кои имаат сопствени средства купуваат станови по цени кои се далеку од цената на чинењето на нивната изградба и веднаш ја подобруваат ликвидноста на компанијата и нејзината оперативна моќ. Најголем дел од купувачите земаат кредит од банките за да купат стан, а најчесто гаранцијата за таков кредит е токму тој стан, плус обезбедување со жиранти или имот на кредитобарателот. За тој кредит банката зема камата. Познавачите велат дека профитот кај инвеститорот е над 30%. Најголем дел поради високите цени, а банката има камати од кредитот кој е голем токму поради високите цени. Чисто и јасно, нели? За тоа колку е профитот на банките пресметајте според каматата за станбените кредити и големината на долгот споредено со основниот кредит. Овој тренд го помага и самата држава зависна од даночните обврзници и комуналните давачки за локалните самоуправи.

Заклучокот е логичен. На ризикот од пазарните законитости се купувачите на станови кои се надеваат дека цените ќе растат зошто потребата за станови се зголемува. Обичен домашен есап вели дека ако ратата за кредит е 300 евра, а станот може да се издаде за можеби и поголем износ, кредитот се отплаќа од киријата, а станот си останува сопственост на издавачот на станот. Е сега кваката е во должината на кредитот за станот кој често е над 15 години. Ако побарувачката за станови се намали и нема кому да му се издава станот, ратата ќе падне на сопственикот на станот. Ако стане инсолвентен почнува немилосрдна хипотекарна постапка и брз пад на цената на становите. Кризата во цените на недвижностите повлекува цела низа на финансиски кризи кои можат да донесат сеопшта криза. А тогаш државата со низа фискални, па дури монетарни мерки ќе мора да ја спасува државата. Сѐ тоа ќе ја зголеми инфлацијата и надворешниот долг. Засега за тоа ретко се размислува, а тоа е резултат на нашето поимање на живеењето. Денес за денес, бидејќи не знаеме што ни носи иднината.

Инвеститорите во градежништвото засега процесите во изградба и продажба на становите ги стимулираат затоа што се работи за голем профит и го зголемуваат притисокот врз државните органи кои донесуваат генерални и детални урбанистички планови. За да се донесе ДУП е потребно гласање во Советите на локалните самоуправи. Советниците се поставени од политичките партии, поточно од нивните раководства. И кому треба да му се обратат инвеститорите? На партиските раководства.

А кој преку секојдневни црнила ја црни состојбата во општеството и државата како апарат?

Сами донесете заклучок, мои почитувани читатели како овој круг доведува до високи цени на становите. Јас само ги редам фактите. Ова не е нешто што ние го измисливме како појава. Профитот го донесува глава со три лица. Едното е политичките елити, другото е пропагандата и третото се банките и за нив врзаните економски субјекти, или по обратен редослед ако сакате. Како свето тројство кое го управува општеството и нашите животи. Кој дел од општественото тело сме ние, почитувани мои сограѓани?

Размислете до изборите зошто и тоа тело може во еден момент да потклекне, да залегне и да замириса на општествен измет. Маски ни со вграден јаглерод овде не помагаат, мириса на распад.

Слики: Paco Pomet

Извор: https://civilmedia.mk/