Резолуцијата за геноцидот во Сребреница стана дел од македонското предизборие

Резолуцијата за Сребреница , вечерва на маса во седиштето на ОН зад затворени врати. На неформални затворени консултации ќе се разгледува нацрт-документот со кој се бара 11 јули да се прогласи за Меѓународен ден на сеќавање на геноцид во Сребреница во 1995 година. 

Македонија е коспонзор на Резолуцијата, а Османи денеска порача дека одлуката ја донел сам и дал инструкции на македонскиот амбасадор да ја поддржи. Имал и тет а тет средба со амбасадорката на Србија- порачал дека ставот за Резолуцијата не е против Србија, ниту кон српскиот народ. Порача дека официјален Белград треба, како што кажа- да ја залечи оваа рана, како што тоа го направиле Германците.

Благодарам доби од министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина. 

 - Бројни сторители беа изведени пред правдата, а најстрашното злосторство, систематското убивање на бошњачкото население во заштитената зона на Сребреница беше законски признато како геноцид од страна на Меѓународниот суд на правдата и Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија. И никогаш не смее да биде предмет на различни толкувања. Ова го препознаа одговорните луѓе кои спроведуваат одговорни политики во Северна Македонија, рече Елемедин Конаковиќ МНР Босна и Херцеговина.

А одлуката нa Османи, овие два дена предизвика бура од реакции. Покрај критиките и навредите кои пристигнаа од Белград, на сметка на Македонија, реакции и спротивставени ставови и дома. Вицепремиерот за европски прашања, за тв 24 вели дека ставот на Македонија е многу јасно утврден со декларација на собранието донесена уште на почетокот на 2010та, кога ја поддржа резолуцијата на ЕП каде што Сребреница е осудена како геноцид. Сепак, порача дека одговорноста кон Сребреница треба да се индивидуализира, вели - постојат меѓународни судови и трибунали и дека таа треба да биде со име и презиме, а не да не се фрли дамка врз цел народ или цела држава. 

Од кабинетот на шефот на државата, пак, за тв 24, порачаа:

- Ставот на претседателот Пендаровски во однос на извршениот геноцид во Сребреница е јавно познат и тој е на линија на пресудите што ги имаат донесено Меѓународниот суд на правдата и Хашкиот трибунал за поранешна Југославија по ова прашање. Актуелната предлог резолуција е поведена од страна на неколку земји, меѓу кои и нашиот стратешки партнер, Соединетите Американски Држави. Претседателот Пендаровски смета дека земјите од Западниот Балкан треба конечно да ги затворат тие трагични историски поглавја затоа што заслужуваат европска иднина и економски просперитет.

Дрскост, бесрамност, неблагодарност и цинизам, се дел од епитетите, кои вчера беа упатени до официјално Скопје. Шефот на српската дипломатија го праша Османи  дали сака да поднесе резолуција за геноцидот на Србите во Јасеновац, заедно со Србија, а екс министерот за одбрана на Србија- Александар Вулин порача дека Макеоднија треба да го смени и јазикот, затоа што користи речник во кој нема зборови за чест, благодарност, пријателство, слобода и срам.