Регион

Хрватска: „Атлантик група“ со силен раст на приходот и профитабилноста

25 апр 2024

„Атлантик група“ во првото тримесечје од 2024 година забележи приход од продажба во износ од 236,6 милиони евра, што во споредба со истиот период минатата година претставува раст од 9,8%.

Добивката пред камата, данок и амортизација (ЕБТДА) порасна за 20,3% на 25,2 милиони евра, додека нето добивката порасна за 3,2% и изнесува 9,9 милиони евра.

Одличните продажни резултати на почетокот на годината ни овозможија силен раст на профитабилноста и покрај значителниот раст на цената на какаото и сировините, како и логистичките предизвици кои и понатаму траат, како и растот на вложувањата во луѓе и маркетинг. Со заклучувањето на аквизицијата на „Страус адриатика“, ја потврдивме стратешката определба на „Атлантик група“ за зајакнување на нашиот основен бизнис, конкретно за раст на категоријата кафе, како и зајакнување на конкурентноста на регионалните индустрии и локалните брендови. Продолжуваме со значајни капитални вложувања, како и иновации во производното портфолио, меѓу кои се истакнува лансирањето на Argeta Meatless асортиманот. И покрај предизвикувачкото геополитичко и макроекономско опкружување, остануваме уверени дека ќе продолжиме со раст на бизнисот, на одржлив начин, истакна претседателот на Управата на „Атлантик група“, Емил Тедески.

Најголем раст оствари стратешкото деловно подрачје „Пијалаци“ (16%), „Фармација“ (11,8%) и „Кафе“ (9,4%). Кафето како најголема поединечна категорија учествува во вкупниот приход со 20,1%. Во дистрибуцијата растот го предводи стратешката дистрибутивна област Северна Македонија со раст од 11,6%, па следи Хрватска со раст од 10,6% и потоа Србија со раст од 9%. Во вкупната продажба на „Атлантик група“ сопствените брендови сочинуваат 61,9% од вкупната продажба, медицинското работење 9,5%, додека принципал брендовите учествуваат со 28,6% во вкупниот приход од продажба.

„Атлантик група“ на 1 март го комплетираше преземањето на „Страус Адриатика“, сопственик на српските брендови на кафе Doncafe и C Kafa, а кои со оваа аквизиција им се придружуваат на регионалните лидери во категоријата, Grand kafa и Barcaffe. „Атлантик“ го презеде и модерниот производен погон во индустриската зона Шимановци крај Белград, со 220 вработени, а трансакцијата претходно беше уредно одобрена од страна на Комисијата за заштира на конкуренцијата во Република Србија. Значајна новост во производната програма во првиот квартал донесе и Argeta, со лансирањето на безмесните намази со вкус на месо, во склад со растечките трендови во прехрамбената индустрија.

Годишниот извештај на „Атлантик група“ за 2023 година е објавен во согласност со новите законски прописи за нефинансиско известување, што значи дека, покрај вообичаените ставки, ги применува „ЕСРС“ (Европски стандарди за известување за одржливост) во рамките на одржливост, со што се воспоставува „Атлантик група“ како една од првите компании во оваа област која применува нови стандарди. Освен тоа, „Атлантик група“ Droga Kolinska е прогласена за првак на Словенија во ESG за 2024 година, потврдувајќи уште еднаш дека „Атлантик група“ подеднакво ги исполнува „ЕСГ“ обврските во сите три области – околина, заедница и управување.  

Анализирајќи ја „Атлантик група“, беше утврдена заложба за следење на родовата разновидност во компанијата и корекција на процентот на жени на раководни позиции каде што постојат такви недостатоци. Така, во „Атлантик група“, 55% од жените се на раководни позиции, 58% во развојни програми и 52% жени вработени преку интерни конкурси, а разлика во платите нема, односно е незначителна и изнесува 2,6% во корист на жените, соопштуваат од компанијата.

Извор/Фото: „Атлантик група“

tags:


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...